„Предизвикаа паника кај кравите, па ме уапсија мене“, вели Јулијана, која ги напасувала кравите кои ги бркаше АХВ со МВР

Јулијана Ѓорѓиевска, која денес тврди дека ги напасувала кравите сопственост на нејзиниот татко, во изјава за „Скопје1“ изнесува сериозни обвинувања за начинот на спроведување на акција во Крива Паланка од страна на Агенција за храна и ветеринарство со асистенција на Министерство за внатрешни работи. објави Скопје1.мк
Според неа, при акцијата животните биле собирани од паша и оттурнувани кон патните правци, што, како што наведува, предизвикало паника и неконтролирано движење на добитокот, со реален ризик за јавната безбедност.
„Се наоѓав на терен како и секој нормален ден. Додека се движев со мојот автомобил, забележав неколку крави кои се упатуваа кон кејот на Крива Река. Го запрев возилото и се упатив да ги вратам кон ридот, со единствена цел да спречам можна сообраќајна несреќа или штета. Успеав да ги оттурнам околу 100 до 200 метри“, вели Ѓорѓиевска.
Таа тврди дека при враќањето кон автомобилот била пресретната од двајца полициски службеници кои ѝ наредиле да не мрда и ѝ соопштиле дека е лишена од слобода. „На прашањето зошто, ми беше одговорено: ‘Ќе видиш во станица’. Бев задржана од 9:30 до 15:00 часот“, наведува таа.
Според нејзината изјава, во текот на акцијата биле одвоени мајки од телиња, што предизвикало дополнителен стрес и паника кај добитокот. Околу 18:00 часот, една крава која лутала по магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир, барајќи го своето теле, била удрена од товарно возило и усмртена на лице место. Возачот, како што наведува Ѓорѓиевска, го напуштил местото на настанот.
„Кој ја презема одговорноста за ваквиот исход? Дали постои јасен протокол при вакви акции за да се спречи ризик по јавната безбедност? Зошто се одвојуваат мајки од телиња, знаејќи дека тоа предизвикува панично однесување?“, прашува таа јавно.
Ѓорѓиевска истакнува дека не бега од институции ниту од соработка, но бара законито постапување, транспарентност и заштита и на луѓето и на животните.
„Ова не е само прашање на добиток. Ова е прашање на одговорност“, додава таа, оценувајќи дека начинот на спроведување на акцијата создал директен ризик и последици.






