Зошто добронамерната критика умира, а молкот победува…

Јани Макрадули

Сум пишувал многу пати за начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, без разлика кој е тековно раководство. Без исклучок, се карактеризира со општество каде прво има конфликти, па поделби и тишина за демократска критика.

Денес е исто, само што и добронамерната критика кон опозицијата замре. Денес, демократијата не вирее во нашата држава. Денес, личното калкулирање ја убива прогресивната идеја. Денес, не се важни следните генерации, туку каде сум јас, сега и одма.

Како никогаш досега, сите ја преземаме една типична карактеристика на генерацијата Z, сега и одма – јас.

За молкот, исто така сум пишувал. Молк кој ја разорува демократијата и воспитувањето на идните генерации, бидејќи квалитетна демократија е суштински механизам за прогресивно општество.

Зарем на ниту еден градоначаник не му смета дека надвор од Уставот се намалуваат платите на оние кои водат помали општини? Зошто тоа да не важи и за пратениците, ако е по местото на припаѓање, а да не зборувам за активистите каде поголемиот дел единство се сведува на зголемување на конфекцискиот број.

Зарем некој дома тие градоначници не ги прашува: “А бе зошто молчиш? До кога ќе трпиш вакво понижување од сопствената партија?”

Зошто се молчи за жолт печат соопштенија што отфрлаат незадоволни, за пратеничките прашања што никако не успеваат да мобилизираат.

Зошто во дебатните емисии речиси и да нема новинар на кој му смета, и кој ќе инсистира на конкретен одговор кога претставник на власта го избегнува прашањето?

Зошто нема ниту еден гласач, кој гласал за ветувањата за поништување на Преспанскиот договор и враќање на името, да изрази доза на разочараност?

Па, зарем нема граѓанска организација која живеела од ЕУ фондови, да коментира дека предлогот Мк во ЕУ, без право на вето е фатаморгана за купување време до избори?

Како ги воспитуваме нашите деца? Да молчат? Да не таласаат? Да не се борат за просперитетна иднина? Да се срамат да бидат дел од европската заедница зошто зборуваат чист македонски јазик?

Молчат професорите за Законот, молчат економистите за задолжувањата, молчат и тие со сомнителни дипломи кои имаа функции.

Молчиме и за нашите вредности како држава, ама за Радев и Вучиќ зборуваме секој миг.

Зошто молчиме и за тоа што е добро направено? Зошто гледањето преку политички нишан е нашата судбина?

Текстот извира од искрена социјадемократска потреба, тој не е пишуван од некаква група.

Јас сѐ уште искрено верувам во социјалдемократската СДСМ. Таа што ја бараат во секој разговор по институции, паркови, кафе муабети. СДСМ чии вистински членови и денес ќе бидат први на барикадите, за разлика од молкот на многумина, кои удобно завалени на фотеља во папучи дури и на социјалните мрежи се штедат, а први ќе дојдат за да бараат функции.

Ама има молк и за барикадите, нив ги нема, ниту во Парламент, ниту на улица. Само со прес-конференции, далеку сме од барикадите.

Затоа, ајде да почнеме да го победуваме молкот со емоција во морето аргументи. Ајде да ги учиме децата дека демократијата е добар постулат на уредување. Да го победиме молкот со почитување на различностите, со поддршка за правата на другите. Да го победиме молкот не со жалопојки што сѐ нам ни прават, туку со решителни настапи. Да го победиме молкот со нашите вредности, а не со приказни за мекотели и штркови.

Затоа, со гласни и достоинствени аргументи против молкот.

За пораз на молкот преку вредности, а не преку страв.

За држава во која се дебатира храбро, наместо да се молчи и да се живее во тишина што нè држи заробени.

Бидејќи молкот не се руши со страв, туку со став. Ако не зборуваме ние со вредности и достоинство, ќе зборуваат наместо нас оние што од молкот живеат…

Back to top button
Close