Хамнеи, мртов е поопасен!

Живеевме во едноумие, потоа  преминавме во малоумие, и завршивме во безумие…

„Хамнеи, еден од најзлите луѓе во историјата, е мртов“ – изјави американскиот претседател Трамп на својата платформа „Truth Social“. Во нападите се убиени и седум високи ирански функционери, вклучувајќи го и шефот на Револуционерната гарда, Мохамед Пакпур. Сателитските снимки од „Ербас“ покажаа црн чад како се издига од комплексот на лидерот во Техеран по нападот. Републиканската гарда објави дека ќе се бори до „последната капка крв“. Спаси, Господе, ако воопшто има нешто останато за спасување. И ѓаволот го напушти тој регион, оти нафтата создаде голем пекол.

Револуционерната гарда (ИРГЦ) им се закани на Израел и на САД со „најжестоката офанзивна операција“ во историјата на Исламската Република, поради убивството на ајатолах Али Хамнеи. „Подобро да не го прават тоа, бидејќи ако го сторат тоа, ќе возвратиме со сила каква што никогаш порано не е видена“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп. И така во овај регион, историјата претставува список на вековни несреќи и маки, и каде што Сизиф цело време го турнал својот камен.

А сојузниците на Иран, Кина и Русија со мека реакција. Кинескио претседател изрази „жалење“, а „големиот“ сојузник Москва „сочувство“! Додека ракети го напаѓаа Техеран во саботата наутро, иранскиот министер за надворешни работи се јави во Москва. Од другата страна на линијата, рускиот министер за надворешни работи Лавров изрази сочувство и вети „вербална“ поддршка! За Иран, тоа е добра лекција што значи лажното партнерство со Русија потпишано лани. Таквото „партнерство“ го имаат вкусен и бившиот претседател на Сирија Башар ал-Асад, а и Мадуро пред неколку месеци. Пример за купување и продавање на совест што не гризе.

Хамнеи опасен и од гроб!

Еден од најмоќните луѓе на Блискиот Исток, убиениот Хамнеи долг период доминираше во Иран, Под негово водство, Иран го прошири своето влијание далеку надвор од своите граници, стекнувајќи репутација на импозантна и опасна регионална сила на која треба да се смета. Со години манифестираше невидена ароганција кон Западот кој бараше ефикасна контрола врз иранска нуклеарна енергија. Сега, по убивството на Хамнеи, ситуацијата во Иран е хаотична и без јасна визија за негов наследник. Неговата смрт покренува сериозни загрижености за стабилноста, не само во Иран, туку и во поширокиот регион, со потенцијални ризици за глобалната економија.

Најголем проблем е што не се знае кој би можел да го наспеди моќнио Хамнеи, па лесно може да се слуши поголем хаос. Не е ни приближно јасно дали воопшто САД, кои ги организираа настаните, имаат план за денот потоа. А без тоа целиот режим може хаотично да се сруши, а тоа може да доведе до граѓанска војна во повеќе-етничкиот Иран. Таму живеат бројни нации – Персијци, Хазари, Курди, Лури, Балучи итн. Според иранскиот устав, Собранието на експерти би било задолжено да назначи нов врховен лидер. Но, до тоа назначување, се предвидува привремен тричлен совет составен од претседателот на државата, шефот на судството и претставник од Советот на чувари. Тие се задолжени да ги извршува должностите на убиениот лидер Хамнеи. Но, во услови на повеќе струи, каде што доминира расположение за уривање на целиот режим, тоа може да биде голем проблем, но и опасност.

Оттука, кој во иднина би можел да го води Иран останува голема мистерија, дури и за оние што претендираат да го заменат – вели CNN. Уште во јануари, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека „никој не знае кој ќе ја преземе власта ако Хамнеи биде отстранет. Не мислам дека некој може да ви даде едноставен одговор за тоа што ќе се случи следно во Иран ако се падне Врховниот лидер и режимот“, рече тогаш тој.

Ова би бил втор пат за помалку од еден век САД да дејствуваат за отстранување на ирански лидери од власт. Познато е дека Мохамед Мосадег, секуларен демократски избран премиер, беше соборен во  воен удар во 1953 година, поддржан директно од ЦИА и британското разузнавање, откако ја национализирал нафтената индустрија во земјата. По него, САД го доведоа на власт прозападниот крал шахот Реза Пахлави, кој остана на власт сè до Исламската револуција во 1979 година, кога со револуција дојде на власт религиозниот режим на Рухолах Хомеини. По неговата смрт во 1989 година, него го наследи сега веќе убиениот Хамнеи (антизападен до срж) кој владеше со Иран цели 37 години.

Некои западни земји би сакале на чело на Иран да го видат младиот Реза Пахлави, синот на последниот шах на Иран, Мохамед Реза Пахлави (сега веќе починат), како следен лидер. Тој последниве години се позиционираше како застапник на секуларна, демократска транзиција, а не нужно како иден апсолутен монарх. Постојано изјавуваше дека формата на идниот поредок – република или уставна монархија – треба да ја одлучат граѓаните на референдум.

Сепак, во Иран не постои институционална или правна рамка што би овозможила негово враќање на власт, оти Исламската Република веќе има уставен поредок заснован на систем на врховен лидер и избрани тела, без монархија. Секоја промена во државната структура би барала фундаментална политичка транзиција и уставни измени.

Состојбата ќе се драматизира!

Откако Иранската револуционерна гарда се закани со „најжестока офанзивна операција“ во историја против САД и Израел, американскиот претседател Доналд Трамп се огласи. Подобро не го правете тоа. Но, Иран подигна црвено знаме и се заканува: „Денес ќе ги погодиме Израел и САД со сила каква никогаш не сте искусиле“.

За време на протестите во јануари, Хамнеи беше во центарот на гневот на многу демонстранти. Едни скандираа „Смрт за Хамнеи“, други повикуваа на негово отстранување, а режимот употреби големо насилство убивши десетици илјади протестанти, и обвинувајќи голем број демонстранти за продолжена рака на израелско-американскиот заговор против Исламската Република.

Интересно што до пред два дена иранските претставници и оманскиот медијатор на преговори звучеа оптимистички во врска со договорот по последната рунда разговори во четврток, а оманскиот министер за надворешни работи, Бадр Албусаиди, рече дека договорот е „на дофат“. Ама во сабота наутро, САД и Израел започнаа изненадувачки напад врз Иран, веројатно со цел изненадување.

За критичари на Хамнеј (ирански и странски) иранскиот лидер Хамнеј беше ужасен тиранин решен да уништи секого што би му се спротивставувал. Тој владееше со Иран со железна тупаница речиси четири децении, и сега ја турна неговата нација, а и целиот регион во голема неизвесност. Неговата смрт доаѓа во време кога Иран е веројатно во најслаба состојба откако тој ја презеде власта во 1989 година. Западните санкции веќе ја доведоа земјата до економски колапс, со многу висока инфлација. Американските и израелските напади во јуни 2025 година му нанесоа тежок удар на неговото владеење. Тој негуваше длабоко непријателство кон Саудиска Арабија и кон бројни соседни сунитски држави, а и силно влијаеше врз процесите во Либан (со помош на Хезболах), во Јемен со помош на Хутите и Газа со помош на Хамас. Сега таму пеколот е убав порадок за оние кои се дружат со ѓаволот.

Како и да е, сега цената на нафтата ќе се искачи до небо, дополнително поради затворањето на Ормутскиот теснец, низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта, што неизбежно ќе се одрази врз светската економија. Во моментот, стотици илјади патници се блокирани или пренасочени кон други аеродроми откако Израел, Катар, Сирија, Иран, Ирак, Кувајт и Бахреин ги затворија своите воздушни простори, објави „Гардијан“. На овие региони дури и мирот сега стана поопасен од војната. Едни тамошни лидери рекоа дека се делумно одговорни, како да се делумни лидери. А ние се приближуваме до Блискиот Исток.

Мерсел Биљали

Back to top button
Close