КУЌЕН ПРИТВОР ЗА СИСТЕМОТ

СДК.МК дознава дека вечерва се приведени Институцијата и Системот. Задржани се на информативен разговор. Институцијата е осомничена за Несовесно работење во службата. А Системот е осомничен за Помагање на сторител на кривично дело. Осомничена е и Довербата, ама таа е недостапна на органите на прогонот затоа што се дала во бегство. Сите тројца осомничени, Институцијата, Системот и Довербата, формирале злосторничко здружување против граѓаните.

Вака би изгледало полициско соопштение според тоа како граѓаните и особено функционерите го сфаќаат значењето на зборовите „институција“ и „систем“. Особено кога ќе се случи некоја трагедија што можела да се избегне. И особено кога институцијата Претседателка на државата ќе ги искритикува институциите дека не си ја ја вршат својата работа во системот, осврнувајќи се на смртта на Ивана Јовановска и нејзината шестгодишната ќерка Катја, која со години била малтретирана од сопругот Стојанче Јовановски, кој ја тепал и два часа пред таа да се фрли од зграда заедно со ќерка си.

Па ако следиме како ќе се развива првичната вест за осомничените Институција и Систем, ќе дојдеме до сознание дека Довербата имала право што избегала. Затоа што сфатила дека на крај таа ќе настрада. Ќе се отвори предистрага, па истрага, па ќе се пишува обвинение, па ќе се одобрува обвинението, па Институцијата и Системот ќе се жалат, па ќе бидат ставени во куќен притвор, па ќе има судење, па ќе има безброј одложувања, па потоа пресудата од Основниот суд ќе патува до Апелација, па Апелација ќе го врати на повторно судење, па Поштата не работи, па Основниот суд не сфатил што му е грешката во првата пресуда… И така, ќе си помине времето. И делото ќе застари.

А во меѓувреме, институциите ќе се полнат со кадри чиј единствен квалитет е дека се нашле на партиски список за вработување на државен буџет. По стручност да не се примени, случајно? Или на конкурс: Сите се од партија. Од едната, другата, третата… И тоа во сите институции. Од министерства до општински инспекции и социјални служби. Од Претседател на држава до музеи и театри. Од судови и обвинителства до државни болници и поликлиники.

Затоа и Довербата, третоосомничената од злосторничкото здружение формирано од Институцијата со поддршка на Системот, никогаш нема да се врати од бегство. Затоа што и ние граѓаните никако да научиме и никако да сфатиме дека Институцијата и Системот се тие што треба да работат за нас. А не ние за нив.

И тука веќе помош – нема.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк

Back to top button
Close