(ВИДЕО) Голем пожар во Глазгов. Централната станица затворена, се урна историска зграда
Голем пожар зафати зграда веднаш до Централната станица во Глазгов, предизвикувајќи евакуации и делумно уривање. Сите железнички услуги од горниот кат на најпрометната станица во Шкотска се откажани и станицата ќе остане затворена до понатамошно известување. Нема повредени во пожарот, кој избувна во недела попладне, јавува Би-Би-Си.

Пожарот избувна во продавница за електронски цигари на улицата Јунион, пред да се прошири на остатокот од зградата позната како Јунион Корнер. Викторијанската зграда, заштитена зграда од 1851 година, делумно се урна во рок од неколку часа од пожарот. Шкотската противпожарна и спасувачка служба соопшти дека повеќе од 60 пожарникари и 15 возила биле вклучени во интервенцијата.
#Escocia | Un fuerte incendio consumió un edificio histórico en Escocia, aledaño a la estación del tren de Glasgow. El fuego inició en una tienda de cigarrillos electrónicos. Video de @ActualidadRT pic.twitter.com/g7Azs6nR8A
— Diario La Gaceta (@DiarioLaGaceta) March 9, 2026
Екипите биле испратени на терен околу 15:45 часот по локално време, но пожарот се разгорел во текот на вечерта. Иако на почетокот се гледал само чад како излегува од зградата, во рок од неколку часа се појавил отворен пламен, кој очевидци го опишале на социјалните мрежи како „катастрофален“. Новинарите на терен објавија дека виделе како куполата на аголот од зградата се урива.
Кафето „Секси кафе“, кое се наоѓаше во погодената зграда, објави дека е целосно уништено. „Апсолутно сме скршени и можеме да потврдиме дека нашата продавница за жал е уништена од пожар. Ова е катастрофално за нас и нашиот тим, особено по поддршката и лојалноста што толку многумина од вас ни ја покажаа во текот на годините“, рекоа тие.
Сопственичката на фризерскиот салон „Вилоу“, исто така, потврди дека нејзиниот бизнис изгорел до темел. Хотелот „Воко Гранд Централ“, кој се наоѓа веднаш до станицата, беше евакуиран, а сите гости беа преместени во друг хотел во градот.
„Нетворк Реил“ по состанокот на полноќ соопшти дека самата станица се чини дека не претрпела значителна штета. „Врз основа на моменталните информации, не сме идентификувале никаква значителна штета на станицата. Целосна проценка ќе се изврши во зори“, соопштија.
Сепак, станицата нема да се отвори во понеделник наутро. „Скот Реил“ соопшти дека ниту еден од неговите возови нема да сообраќа од горното ниво, додека возовите од пониското ниво ќе поминуваат низ станицата без запирање. „Им се извинуваме на патниците за евентуалните непријатности што ова ќе ги предизвика и ги охрабруваме да ги проверат своите опции за патување пред да патуваат“, рече Марк Илдертон, директор за испорака на услуги на ScotRail.
Avanti West Coast соопшти дека патниците ќе можат да ги користат своите билети на линиите на LNER помеѓу Единбург и Лондон Кингс Крос. TransPennine Express ги откажа сите линии помеѓу Глазгов и Ливерпул и аеродромот Манчестер за понеделник, без алтернативни линии.
Голема толпа се собра на работ на полициските кордони за да го гледа пожарот, додека службите за итни случаи ги повикаа луѓето да се држат настрана. Полицијата ги блокираше околните улици и им советуваше на жителите да ги држат прозорците затворени поради чадот. Шкотскиот прв министер Џон Свини рече дека е „длабоко загрижен“ од сцените и ги повика луѓето да ги следат упатствата на службите за итни случаи





