(ВИДЕО) Гужви на бензинските: Се чека Владата да го намали ДДВ-то додека земјите во регионот веќе ги замрзнаа цените

Регулаторната комисија за енергетика ги зголеми малопродажните цени на нафтените производи во просек за 14,27% во споредба со одлуката од 2 март и од д полноќ вечерва, цените на бензините EuroSuper-95 и BS-98 се зголемуваат за 5 денари по литар, а цената на дизелот се зголемува за 14,5 денари по литар.

Според Регулаторната комисија за енергетика, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, во споредба со претходната пресметка, се зголемени во просек: за бензинот за 13%, за дизелот за 36%, за екстра лесното масло за горење за 32% и за мазутот зголемувањето е 27%. Девизниот курс на денарот во однос на доларот во периодот по кој се формираа цените со претходната пресметка е повисок за 0,95%.

Ова направи вистински хаос на бензинските станици ширум земјава, посебно во главниот град Скопје. Возачите брзаат да наточат дизел гориво до вечер иако на најголемиот дел од станиците нема дизел гориво или се точи во ограничени количини освен за компаниите кои имаат договори на подолг рок како што се превозниците на стоки и на патници.

„Фокус“ испрати прашања до Владата какви мерки ќе преземе за да го смири ценовниот шок и дали ќе се интервенира со замрзнување на цените, односно со намалување на акцизите, но се уште нема одговор. Нема одговор ниту на тоа зошто се чекаше прво одлуката на Регулаторната комисија за енергетика наместо да се интервенира претходно со оглед на тоа дека неколку дена наназад имаше зголемена побарувачка, а експертите најавија дека ќе следи ценовен шок.

Во меѓувреме, другите земји во регионот, исто така, прибегнуваат кон слични мерки за да го ублажат ударот од цените на горивата врз граѓаните и економијата.

Поради прекините во снабдувањето и затворањето на Ормутскиот теснец, цената на нафтата нагло скокна, достигнувајќи 116,35 евра за барел во еден момент, највисоко ниво од 2022 година. Таквиот скок веднаш се прелева на малопродажните цени на горивата во регионот.

Хрватската влада реагираше со повторно воведување регулатива за ограничувања на цените на горивата, која се враќа по осум месеци. Според новата одлука, во следните две недели литар евросупер ќе чини 1,50 евра, додека евродизелот ќе чини 1,55 евра. Синиот дизел ќе чини 0,89 евра за литар, а течниот нафтен гас, во зависност од резервоарот, ќе се движи помеѓу 1,70 и 2,40 евра за литар. Без владина интервенција, цените би биле значително повисоки, предупредуваат експертите.

Во Словенија, владата интервенираше со намалување на акцизите, па така литар бензин моментално чини околу 1,44 евра, додека евродизелот чини 1,47 евра. Ново зголемување на цената се очекува и во Унгарија. Според порталот Holtankoljak.hu, литар бензин од вторник ќе чини околу 1,47 евра, додека дизелот ќе достигне околу 1,58 евра.

Во Србија, владата привремено го забрани извозот на нафта и нафтени производи со цел да го стабилизира домашниот пазар. До 13 март, цената на бензинот е ограничена на 1,53 евра за литар, додека литар дизел ќе чини 1,69 евра. Нешто пониски цени сè уште може да се најдат во Босна и Херцеговина, иако неодамна се зголемија за околу дваесет центи. Дизелот моментално се продава во опсег од 1,24 до 1,51 евра за литар, додека бензинот се движи помеѓу 1,18 и 1,33 евра. Просечната цена на бензинот е околу 1,23 евра, а дизелот е околу 1,38 евра за литар, анализира N1.

Во Црна Гора е најавено ново зголемување на цената, па дизелот треба да поскапи од 1,34 на 1,48 евра за литар, додека бензинот ќе поскапи од 1,40 на 1,46 евра.

Инаку, од еден литар продаден еуродизел, државата од утре ќе инкасира 13 денари од данок на додадена вредност и 15,5 денари акциза. Или, од малопродажната цена на литар дизел, која што со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика од полноќ ќе изнесува 85,50 денари, за државата се наменети 28,5 денари. Тоа значи дека без ДДВ дизелот би бил 72,45 денари за литар, откако на основната цена ќе се додадат и трошоците за складирање, за екологија и тн.

Слична е и математиката за безоловниот бензин, Еуросуперот 98, кој од утре ќе чини 81,5 денари за литар, со тоа што поради поголемата акциза, таму издвојувањето за државата е дури и поголемо. За суперот акцизата е поголема – 22 денари, додека 12,43 денари се ДДВ или вкупно 34,43 денари одат директно во државниот буџет.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека Владата размислува да ги намали акцизата за горивата и ДДВ-то за увоз на енергенси за да се спречи ценовен шок за граѓаните и стопанството.

Според постојната регулатива вакви мерки се можни во кризни состојби кога Министерството за финансии може да ја намали акцизата за горивата до 4 денари или ДДВ за увоз на енергенси од 18 на 10 отсто.

Во 2022 година кога земјата исто така се соочуваше со сериозна енергетска криза. Тогаш ДДВ за горивата се намали од 18% на 10%, а акцизата се намали за 1,2–4,7 денари по литар.

Back to top button
Close