Битиќи-Од полноќ нов ценовен удар, а од Владата статистичка утеха
Од полноќ започнува нов ценовен удар, утре наутро ќе се разбудиме со поскапи горива и со нов притисок врз секојдневниот живот. Дизелот поскапува на 85,50 денари за литар, бензините на 79,50 и 81,50 денари, што значи просечно зголемување на цените на нафтените деривати од 14,27%. Ова ќе значи директен удар врз транспортот, производството… односно врз сите трошоци што подоцна се прелеваат во цените на производите и услугите што граѓаните секојдневно ги плаќаат.
И токму во пресрет на овој нов ценовен шок, власта денес се обиде да ја смири јавноста со податокот дека месечната инфлација во февруари, во однос на јануари, изнесувала само 0,2%. Но тоа е тесен статистички пресек што не ја отсликува целосната ценовна реалност на животот. Бидејќи кога февруари 2026 се споредува со февруари 2025, трошоците на живот се повисоки за 2,9%, храната и безалкохолните пијалаци за 3,9%, а цените на мало за 1,6%. Тоа значи дека животот веќе бил поскап и пред овој нов удар, а поскапувањето на горивата од полноќ е само дополнителен импулс што уште повеќе ќе ја засили скапотијата во наредниот период.
Кога власта се обидува да ги „мери“ трошоците на живот на начин што ќе звучат помалку страшно, најрелевантна статистика е онаа која произлегува од касите, таму каде што се плаќа. Синдикалната минимална кошница за февруари достигна 67.382 денари, што е 969 денари повеќе од јануари, а само трошоците за храна и пијалоци се зголемиле од 24.211 денари во јануари на 25.156 денари. Во исто време, минималната плата изнесува 24.379 денари, што значи дека за покривање на една синдикална минимална кошница се потребни околу 2,76 минимални плати. Дури и по најавеното мартовско зголемување на минималната плата на 26.046 денари, за покривање на истата кошница и натаму ќе бидат потребни околу 2,59 минимални плати. Основните животни трошоци растат побрзо и потешко од она што Владата сака да го признае.
И не треба да се кријат зад квартален раст на БДП, кога првите сигнали од 2026 година се лоши. Да, Државниот завод за статистика објави раст на БДП од 3,8% во четвртото тримесечје од 2025 година, но само неколку дена подоцна објави, но никој од Владата не искоментира, дека индустриското производство во јануари 2026 паднало за 6,6% на годишно ниво, преработувачката индустрија за 8,0%, а извозот на стоки во јануари е понизок за 8,27%. Тоа е вистинската слика, портретирана од слабеење на реалниот сектор, притисок врз производството и нов грч за економијата уште на самиот почеток на годината.
Владата нема антиинфлациона стратегија, нема сериозна политика за заштита на куповната моќ, нема сериозен одговор на ценовните шокови, нема храброст да се застане зад работниците…
Македонија не живее подобро затоа што статистиката е попристојна. Македонија живее потешко затоа што Владата е економски пасивна, политички самозадоволна и социјално несензитивна.
Фатмир Битиќи






