УЕФА отвори постапка против Нето за неспортско однесување

Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска го обвини играчот на Челзи, Педро Нето, за неспортско однесување откако на вчерашниот натпревар од Лигата на шампиони против ПСЖ турна едно од момчињата кои ги додаваат топките покрај аут линија.
Нето може да биде суспендиран еден натпревар поради неспортско однесување, а УЕФА соопшти дека одлуката ќе биде донесена подоцна.
Челзи загуби во средата вечер од актуелниот европски првак (5-2) во првиот натпревар од осминафиналето во ЛШ. Во судиското продолжение, Челзи требаше да изведе аут, а Нето, обидувајќи се што побрзо да ја врати топката во игра, го турна момчето кое ја држеше во своите раце, бидејќи се чинеше дека се обидува да ја задржи.
Непосредно потоа, дојде до тепачка меѓу играчите на теренот, а Нето му се извини на момчето по натпреварот, го прегрна и му го подари својот дрес.
„Со сите емоции околу натпреварот, бевме во резултатска негатива и сакав да ја земам топката. Малку го турнав. Видов дека го повредив и ми е жал, не сум таков“, изјави Нето по натпреварот.
Реваншот ќе се игра следниот вторник на Стемфорд Бриџ во Лондон.






