Белград најавува нова војна на Балканот
Денко Малески
Кога во март 2015 Хрватска, Албанија и Косово потпишаа во Тирана декларација за одбранбена соработка, беше кажано дека тоа не е воен сојуз туку трилатерален договор во областа на одбраната и безбедноста. Но, самото создавње на некаков сојуз за воена соработка ја активира „безбедносната дилема“кај Србија, со неизбежното прашње: Што ни спремаат соседите? Значи, за да зоврие политичката атмосфера и за да почне трка во вооружување, не е важно што мислат државите потписнички, туку што мисли Србија. Бидејќи на декларацијата Србија гледа како на закана за својатаа безбедност, вообичаената реакција е другата страна да се вооружа – „ за секој случај“. Така е секогаш кога е во прашање „безбедносната дилема“меѓу државите – почнува да врти една спирала на непријателства која може да доведе и до војна.

Хрватска и Албанија како држави членки на НАТО ги штити ченот 5 од повелбата на Алијансата, па би можело да се заклучи дека нивната безбедност е загарантирана и немаат потреба од дополнителни воени сојузи. Знаејќи го ова, вклучувањето на Косово во сојуз со нив значи ширење не само на безбедносниот чадор на двете држави врз Косово, туку и на безбедносниот чадор на НАТО и врз некогашната српска покраина, сега суверена држава, оспорена од Србија. Ова мора да го знаеле во Брисел кога им дозволиле на двете членки на НАТО да склучат сојуз за воена соработка со Косово. Знаеле и дека вклучувањето на Косово во одбранбена соработка со две членки на НАТО ја јакне позицијата на Приштина во преговорите со Белград. Какви и да биле причините, едно е сигурно: како одговор на оваа воена соработка, на Балканот сега имаме трка во вооружување. За да се одбрани од евентуален напад, Србија се вооружува со руски мигови и кинески суперсонични ракети, објаснува претседателот Вучиќ. И, колку да нема забуна за што зборува, од подиумот на Минхенската безбедносна конференција Александар Вучиќ ќе порача: „Најголема закана за Србија е воениот сојуз помеѓу Загреб, Тирана и Приштина, но нема да ви кажам кој тоа го одобрил“. И ете го почетокот на воените планови, првиот чекор кон војна.
Претставникот на раководството на владеачката Српска напредна партија, Владимир Ѓукановиќ, во статија во белградска „Политика“пишува дека е се „јасно како бел ден“ за тоа кои се намерите на „воениот сојуз“. „Кога ќе заврши отворениот воен судир меѓу Русија и ЕУ…тогаш Србија ќе биде нападната од овој сојуз и војната ќе биде неизбежна“,пишува Ѓукановиќ. „Во еден момент може да се приклучи и Бугарија со нејзините тежнеија и аспирации кон Северна Македонија и југоисточна Србија, се разбира во зависност од тоа кој ќе биде на власт во Бугарија“, пишува Ѓукановиќ.Од изјавата разбираме дека, сакале или не, и Македонија ќе биде инволвирана во најавената војна, макар како поле за битка помеѓу српското и бугарското влијание во нашата држава.
Дилемите се бројни. Крајот на униполарниот момент и промената на политиката во Вашингтон, како и војната на Америка против Иран, ја прави низвесна судбина на НАТО. Што ќе се случи ако Америка се дистанцира од НАТО, а Алијансата не успее да се трансформира во примарно европски воен сојуз поддржан од Америка? Од изјавата на српскиот политичар разбираме дека Македонија е, сеуште, јаболко на раздорот помеѓу поголемите соседи,па може да се случи историјата да ни се повтори. И Скопје и Софија треба да се замислат. Скопје да го откочи процесот на пристапување кон ЕУ, а Софија да направи гест на добра волја и да го признае македонскиот јазик онака како што тоа го имаат направено сите држави во Европа и во светот. Така, ќе се стесни просторот за коменатри од типот на оние на Ѓукановиќ, за бугарски „тежненија и аспирации кон Северна Македонија“, поглед кој го споделува мнозинството Македонци.






