Мицотакис: Пресретнувањето на иранските ракети во Саудиска Арабија од грчкиот систем Патриот беше строго одбранбена акција

Станува збор за исклучиво одбранбена акција, во рамките на договорот со Саудиска Арабија, која со години е стратешки партнер на нашата земја, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на двете ирански ракети што вчера беа соборени од грчкиот систем Патриот, а се упатувале кон рафинерија во Саудиска Арабија, јави дописничката на МИА од Атина.

На прес-конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ во Брисел, Мицотакис објасни дека системот Патриот е распореден во Саудиска Арабија од 2021 година со одлука на Владиниот совет за надворешна политика и одбрана, „во рамките на поширокиот напор за заштита на критични инфраструктури поврзани со безбедноста на снабдувањето со горива“ и нагласи дека вчерашното пресретнување „претставуваше строго одбранбена акција“ во рамките на билатералниот договор меѓу двете земји.

 

За критиките од опозицијата дека Владата ја вмешува земјата во војната, грчкиот премиер нагласи дека „не треба да се извлекуваат дополнителни заклучоци“.

 

– За оние кои се прашуваат „Добро како Грција има корист од ваква иницијатива?“, ќе кажам само едно: доколку овие рафинерии, една клучна рафинерија во Саудиска Арабија, навистина беше погодена, тогаш цената на нафтата денес ќе беше значително повисока. Затоа заштитата на клучните енергетски инфраструктури и од едната и од другата страни, треба да биде врвен приоритет. Грција и Франција имаа водечка улога и во Европскиот совет во потребата да се формулира предлог за мораториум што ќе исклучи какви било напади врз енергетски објекти, без разлика дали се наоѓаат во Иран или во земјите од Заливот, објасни Мицотакис.

 

Во однос на економските последици од кризата, посочи дека на Самитот имале детална дискусија, нагласи дека во заклучоците на Европски совет била вклучена формулација што „отвора порта за поголема флексибилност во донесувањето мерки и на национално и на европско ниво за справување со оваа вонредна криза“, но сепак додаде дека не може да открие повеќе детали.

– Ќе го повторам она што веќе го имам кажано, дека Владата е подготвена, во рамките на своите фискални можности, да се справи со последиците од зголемувањето на цените на горивата, а можеби и на електричната енергија. Но, сега не е време да говориме подетално за размислувањата што се во оваа насока, рече Мицотакис.

На новинарско прашање дали моменталната ситуација е енергетска криза или енергетски шок, објасни дека „засега станува збор за енергетски шок и треба да вложиме максимални напори за да гарантираме дека нема да прерасне во долгорочна енергетска криза“.

Во однос на бегалското прашање, уште еднаш повтори дека „Европската Унија како целина нема да ги повтори грешките од 2015 година“, нагласи дека Грција ги штити своите граници, но и дека „сите членки на Европскиот совет, преку заклучоците, јасно ставија до знаење дека нема да се дозволи масовен прилив на мигранти и бегалци во ЕУ“.

Back to top button
Close