Филипче: Мицкоски е само чувар на столчето на Груевски, сè е диригирано од Будимпешта
Христијан Мицковски е само чувар на столчето на Никола Груевски, сè е диригирано од Будимпешта, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во емисијата Топ тема на Телма.
„Кого чува Унгарија? Никола Груевски, политички азил. Што прави Христијан Мицкоски? Го чува столчето. Сè е диригирано од Будимпешта и тоа е голема трагедија“, обвини Филипче.
Тој истакна дека ова е една од причините за целосното блокирање на евроинтегративниот пат на земјата.
„Зарем тоа не е една од причините зошто се целосно блокирани на евроинтегративниот пат? Зошто не се направи чекор напред? Зошто, кога цела Европа укажува дека тука има руско-српско-унгарско влијание, ние знаеме дека целосната инфраструктурна и финансиска помош во годините на опозиција кон ВМРО-ДПМНЕ доаѓаше од Унгарија и од Србија? Прашајте ги претставниците, ако се искрени, ќе ви кажат“, додаде Филипче.
Филипче укажа на поврзаноста на Мицковски со Орбан, обвинувајќи дека оваа влада ја стави Македонија во скут на соработници на Путин.
„Што направи Христијан Мицкоски и нашата влада? Не ставија во скут на Орбан, на таа земја, на тие луѓе, директни соработници на рускиот претседател и агресор Путин. Сè повеќе излегува на виделина дека премиерот Мицкоски е прокси руски играч во регионот и во Македонија, а на тоа укажа и еврокомесарката за проширување кога кажа дека Европа нема да прима тројански коњи“, рече Филипче.






