АВМУ за случајот со Славески: Функционерите да се однесуваат со почит кон новинарите
Почитувањето на професионалните стандарди е неопходно во комуникацијата со медиумите – реагираат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во врска со последниот јавен настап на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, конкретно на неговата комуникација со новинар од Канал 5.

Од АВМУ посочуваат дека новинарските прашања, како составен дел од демократскиот процес, не смеат да се третираат како напад, а новинарите не смеат да се дискредитираат поради извршување на своите обврски.
„Носителите на јавни функции имаат обврска да демонстрираат високо ниво на политичка култура, одговорност и професионалност, со што придонесуваат кон јакнење на довербата на граѓаните и медиумите во институциите. Ова е особено значајно имајќи ја предвид нивната улога во обезбедувањето транспарентност и отчетност кон јавноста. Сите јавни функционери да покажат соодветна почит кон медиумските професионалци и да вложат максимални напори за обезбедување услови за достоинствено, слободно и непречено извршување на нивната работа“апелираат од АВМУ.
Во врска со настанот од вторникот, вчера остро реагираа и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), посочувајќи дека наместо јасни одговори на прашања од висок јавен интерес, гувернерот одбрал потценувачки и дисквалификувачки однос кон новинарот.
„На директните новинарски прашања, Славески изјави дека прашањето е ‘апсолвирано’, а потоа на новинарот од Канал 5 му порача: ‘Добро, за ова разговарајте со вашиот уредник и прашајте го кои се мотивите за овој напад врз централната банка’. За ЗНМ и ССНМ, ваквиот настап е недозволив за носител на висока јавна функција“велат од новинарското здружение и синдикатот.
Оттаму го повикаа гувернерот на НБ, но и сите останати носители на јавни функции, да се воздржат од дисквалификации, омаловажување и етикетирање на медиумите, а наместо тоа да покажат почит, транспарентност и одговорност во комуникацијата со новинарите.
„Новинарите не се должни да трпат омаловажување, инсинуации и префрлање на вина само затоа што поставуваат непријатни, но легитимни прашања во интерес на јавноста. Наместо аргументи и отчетност, јавноста виде обид новинарските прашања да се претстават како напад, а новинарите да се дискредитираат пред камери“додаваат од ЗНМ и ССНМ, додавајќи дека критичките прашања не смеат да се третираат како непријателски чин, туку како составен дел од јавната отчетност и демократскиот надзор врз институциите.






