Алиу го потврдува премиерот: Во јавното здравство имаме лекари кои земале и повеќе од 10 илјади евра плата

Во јавното здравство има лекари кои земале плати и повисоки од 10.000 евра, откри министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција на која беше презентиран новиот Закон за лекови. Тој нагласи дека Министерството располага со конкретни податоци и дека случаите ќе се решаваат институционално.
– Во јавното здравство имаме лекари кои земале и повеќе од 10 илјади евра плата, имаме лекари со плата од 700 илјади денари, а тоа е повеќе од 10 илјади евра. Министерството за здравство ги знае институциите, но дозволете тоа институционално да го решиме – изјави Алиу.
Министерот Алиу нагласи дека институциите се познати, но дека не сака да ги соопштува јавно за да не се наруши процесот.
– Тоа повлекува и други административни и законски процедури коишто не би смеел јас како министер денеска да ги кажам на прес-конференција, бидејќи ќе загрозам процес којшто не треба да се загрози. Идејата не е да направиме спектакл од здравството, идејата е да го спречиме тоа што во моментот го има во здравствениот систем – рече Алиу.
Тој посочи дека има големи разлики и во обемот на работа меѓу лекарите.
– Имаме доктори што прегледуваат само еден пациент неделно, а имаме доктори што прегледуваат 100 пациенти неделно. И едниот и другиот се отстапки и не се во ред. Тоа институционално ќе го решиме – додаде министерот.






