Новиот републички обвинител поддржа обвинителка за шеф на Вишото обвинителство која беше во „бомбите“

Пропадна изборот за шеф на Вишото јавно обвинтелство – Скопје откако ниту еден од четворицата кандидати пријавени на конкурсот не го доби потребниот број на гласови од Советот на јавни обвинители. Кандидати беа Фатиме Фетаи, Владимир Милошески, Артан Ајро и Јасмина Костеска-Здравеска. На огласот, всушност, се пријавија седуммина кандидати, но Џељал Бајрами и Трајче Пеливанов се повлекоа, а Александар Маркоски беше унапреден од скопското обвинителство во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески, од пријавените кандидати ја предложи Костеска-Здравеска, чие име се споменуваше во „бомбите“ што ги пушташе поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев. Савески за неа рече дека била обвинител „со интегритет и има вештини и како личност е препознаена во фелата како позитивна и добронамерна, а тоа е важно за една менаџерска функција“.
Јасмина Костеска-Здравеска се споменуваше во разговор меѓу поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во кој зборуваат дека нејзиниот сопруг бил партиски кадар и дека поради неговата партиска послушност неговата сопруга била избрана за обвинителка во скопското јавно обвинителство. За Костеска-Здравеска гласаа четворица членови на Советот, но не доволно за да биде избрана за шеф на Вишото обвинителство.






