Левица за Николоски: Прашуваш за станбен квадрат, а добиваш лекција за Заев, Мијалков, Шарената револуција

Левица го нарече политичка шизофренија однесувањето на владеечката партија ВМРО-ДПМНЕ , предизвикана од говорот на вицепремиерот Александар Николоски во Собранието во кое тврдеше дека Сашо Мијалков го финансирал нивното создавање и дека целта била да ја урнат Шарената револуција.

„ДПМНЕ влезе во фаза во која веќе не се ни обидува да изгледа доследно, туку импровизира, контрадикторно и без основна логика, само за да го покрие сопствениот неуспех. Влезе во фаза во која не се расправа со Левица, туку со самите себе. Денес едно, утре спротивното, задутре трето, а сето тоа го видовме во ист настап при вчерашниот “одговор” на пратеничко прашање упатено кон министерот Александар Николоски.

ДПМНЕ веќе не води политичка дебата, туку живее во паралелни универзуми што се судираат на секои две реченици. Во едниот универзум на Заев не треба да му се верува за ништо, а во другиот е веродостоен сведок кога треба да се измисли приказна дека ја финансирал Левица. Во третиот, Николоски открива дека сме финансирани од Мијалков. Во четвртиот – истите тие луѓе признаваат дека ние сме единствените што реагираат против Мијалков. Малку е тешко да се следи, но очигледно и нив им е.

Се создава впечаток како да постојат неколку ДПМНЕ-а што паралелно даваат изјави, па потоа се спојуваат во една конфузна реченица. Едното ДПМНЕ вели „шарени“, другото вели ја „рушевте шарената“, третото вели „ве финансира Заев“, четвртото „ве финансира Мијалков“, во некои прилики и „ве финансира Груби”… Ако продолжат вака, ќе испадне дека Левица е најбогатата партија во Европа (а не ДПМНЕ) и дека е единствената партија во историјата што е истовремено финансирана од сите, а никому не му служи, напротив – на сите им смета и е најголем критичар на “своите спонзори”.

Најзабавно е што целата оваа психодрама доаѓа како „одговор“ на прашање за домување. Значи, прашуваш за квадрат од 2.500 евра, добиваш приказна за Заев, Мијалков и шарената револуција. Прашуваш за кириите, добиваш сценарио за теорија на заговор. Прашуваш за младите што се иселуваат, добиваш компилација од сите нивни претходни изјави во конфликт една со друга.

Веќе не е прашање дали се подготвени за власт, туку дали се воопшто способни да водат смислена реченица без да си противречат самите на себе во рок од две минути. Што се однесува до нас, ваквото ниво на хаос претставено како политика нам ни одговара, бидејќи ретко кој опонент толку ефикасно се побива самиот себе.

Од нашите подрумски простории, во исчекување на наредно излагање на вмровски функционери – да ни откријат кој друг нѐ финансирал и формирал“, стои во реракцијата на Левица.

Back to top button
Close