ДУИ со барање до Мицкоски да промени став: Овој став ја нарушувате суштината на Охридскиот договор и соживотот

ДУИ остро реагираше на изјавата на премиерот во Собранието во врска со употребата на албанскиот јазик, оценувајќи дека станува збор за еден од најзагрижувачките моменти во политичкиот дискурс од потпишувањето на Охридскиот мировен договор.

Во реакцијата, партијата наведува дека ставот дека албанскиот јазик може да се користи „колку сакате“, но дека службен јазик е македонскиот, претставува сериозно отстапување од уставниот поредок.

„Тврдењето дека албанскиот јазик може да се користи ‘колку сакате’, но дека службен јазик е македонскиот, не е само политичка изјава, тоа е директно враќање на логиката на Уставот од 1991 година и тогашниот член 7, игнорирајќи го Амандманот V од 2001 година, кој претставува темел на уставниот поредок и на меѓуетничката рамнотежа во државата“, се наведува во соопштението.

Од ДУИ оценуваат дека ваквиот пристап ја нарушува суштината на Охридскиот договор.

„Овој став ја нарушува суштината на Охридскиот договор, кој не е симболичен компромис, туку реална архитектура на соживот, изградена токму за да ги надмине изворите на конфликт што ги создаде Уставот од 1991 година“, стои во реакцијата.

Партијата предупредува дека релативизирањето на статусот на албанскиот јазик отвора сериозни ризици.

„Релативизирањето на статусот на албанскиот јазик не е прашање на толкување, туку отворање на опасен пат што директно ги засега меѓуетничките односи и функционалноста на нашата мултиетничка демократија“, наведуваат од ДУИ.

Во реакцијата се додава дека ваквиот пристап претставува обид за ревизија на постигнатите резултати.

„Овој пристап претставува чекор назад и обид за ревизија на темелните достигнувања на државата, инспириран од логики што се во спротивност со концептот на мултиетничка и демократска држава“, велат од партијата.

ДУИ го повика премиерот да се повлече од ваквата позиција.

„Го повикуваме Премиерот веднаш да се повлече од оваа позиција и целосно да го почитува уставниот поредок произлезен од Охридскиот договор. Секое отстапување од овој поредок не е само политичка грешка, тоа е удар врз самите темели на соживотот и функционалноста на државата“, се наведува во соопштението.

 

Back to top button
Close