Првиот човек на македонски фудбалски прволигаш е уапсен во Турција за шверц на злато
Македонски државјанин, кој е претседател на фудбалски клуб кој се натпреварува во првата македонска лига, пред неколку дена е уапсен во Анадолија, откако бил фатен со над 2,5 килограми злато, во обид да го шверцува, јавуваат турските медиуми.

Осомничениот, чии иницијали се Б.Х., според полицијата, бил уапсен додека се возел во такси на патот меѓу градовите Батман и Сирт во југозападна Турција во понеделникот, на 24 март. Полицијата во автомобилот нашла злато со тежина од 2.581 грам, чија вредност е проценета на околу 300.000 евра.
Според турските медиуми, осомничениот патувал во комерцијално такси кое било запрено за контрола, при што при претресот било откриено златото, наводно преработено во шипки за полесно пренесување. По апсењето, осомничениот бил изведен пред судија, кој му одредил притвор додека истрагата продолжува.
Полицијата не го открива идентитетот на осомничениот, ниту на клубот во Македонија со кој раководи, но единствениот претседател на фудбалски клуб од Првата лига со иницијали Б.Х. е Бурак Хида, контроверзниот челник на ФК Башкими од Куманово. Лани МВР поднесе кривична пријава против него и шестмина други осомничени дека го наместиле натпреварот меѓу Башкими и Кожуф, одигран во мај минатата година. МВР тогаш детално го објасни случајот и соопшти дека истрагата утврдила оти, со цел обезбедување пласман во повисок ранг, биле давани пари и подароци за да се влијае врз играчи и функционери на Кожуф.
Фудбалската федерација во меѓувреме го поништи натпреварот и ги казни вмешаните, но кривичната постапка против вмешаните во скандалот немаше јавен епилог.






