Двајца загинати во експлозија во хемиска фабрика во Татарстан, веројатно поврзана со напад со дрон

Силна експлозија го потресе хемискиот комбинат во руската република Татарстан, соопшти компанијата сопственик, пренесува ДПА.

Според компанијата „Сибур“, во инцидентот во фабриката во градот Нижнекамск загинале две лица, а повеќе од 70 се повредени. Од компанијата наведуваат дека причината е техничка неисправност, а на повредените им била укажана соодветна медицинска помош.

– Медицинските служби се на терен, а на повредените им се пружа неопходната грижа“, изјави портпаролот на „Сибур –  додавајќи дека бројот на настраданите сè уште се прецизира.

Според руската агенција „Росавијација“, операциите на локалниот аеродром биле ограничени непосредно пред инцидентот, што обично укажува на присуство на украински беспилотни летала во воздушниот простор. Експлозијата предизвикала пожар, при што густ столб од црн чад се издигнал високо над градот со околу 240.000 жители и бил видлив од голема далечина. Ударниот бран искршил прозорци на неколку станбени згради, потврди градоначалникот на Нижнекамск, Радмир Белјаев.

Снимки на социјалните мрежи, чија автентичност не е потврдена, прикажуваат обиди на руската противвоздушна одбрана да пресретне дронови во регионот. Нижнекамск се наоѓа на повеќе од 1.200 километри од Украина и претставува важен центар на руската нафтена и хемиска индустрија, каде Москва има воспоставено и производство на воени дронови.

Во обидите да се спротивстави на руската инвазија, Украина настојува да погоди воени и индустриски цели на противникот со беспилотни летала со долг дострел, наведува ДПА.

Back to top button
Close