Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора: Моменталната состојба со цените на лебот е под контрола

Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на СМ, како и претставници на овој сектор, дел од другите комори, на 2.4.2026 г. одржаа заеднички работен состанок со заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, и со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, при што беа донесени следниве заклучоци:
1. Моменталната состојба со цените на лебот и печивата е под контрола и тие не се покачени во најголем дел од државата.
2. Како општествено одговорна индустрија, претставниците и членовите на мелничко-пекарскиот сектор одлучија цените на лебот и печивата да не се покачуваат, односно да останат на истото ниво до крајот на април, а во меѓувреме ќе се следи и ќе се анализира состојбата.
3. Министерството за економија, како и Владата на РСМ, се заложија заеднички со компаниите да ги следат состојбите и, во случај на влошување на ситуацијата со цените на нафтата и нафтените енергенси, заедно со домашните мелничари и производители на леб да изнајдат решенија со кои ќе се релативизира опасноста од зголемување на цените во оваа индустрија.
4. Наедно, мелничко-пекарската индустрија апелира до сите медиуми и политички чинители во државата да не ја користат актуелната состојба во овој сектор во делот на цените на лебот и печивата со создавање паника и несигурност меѓу граѓаните, со што се предизвикуваат штети и за населението и за компаниите.






