ДУИ: На Воената академија – 0 кадети албанци

Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение реагира дека на Воената академија годинава не е примен ниту еден кадет Албанец, оценувајќи дека станува збор за сериозен проблем со правичната и соодветната застапеност во државните институции.

Од партијата посочуваат дека, за првпат од основањето на Воената академија во 1995 година, меѓу примените кадети нема ниту еден Албанец. ДУИ одговорноста ја насочува кон коалицијата ВЛЕН, но и кон Владата, од која бара почитување на принципите на еднаквост и институционална застапеност.

Според ДУИ, ваквите случаи го нарушуваат духот на Охридскиот договор и можат да влијаат врз меѓуетничките односи и довербата меѓу политичките партнери.

Од партијата бараат ВЛЕН да објасни зошто не е обезбедена застапеноста што ја ветувала, нагласувајќи дека таа не треба да биде предмет на политички договори и калкулации.

„Застапеноста не е привилегија, туку начело. И таа не смее да биде заложник на политичките калкулации“, наведуваат од ДУИ.

Back to top button
Close