Левица: Дали инкубаторите на ГАК престанале да работат поради прекин на струја?

До Левица стигна дојава дека во петокот ноќта, на ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство (ГАК) снемало електрична енергија при што и инкубаторите, кои ги обезбедуваат фундаменталните услови за преживување на предвреме родените бебиња, престанале да работат. Како што нѐ информираа, струја немало повеќе од половина час, а не проработеле ни агрегатите, па животите на овие бебиња биле доведени во опасност. Инкубаторите зависат од електрична енергија за да обезбедат одржување на телесната температура на предвреме родените бебиња, за дишење, за мониторинг на виталните функции итн, велат од Левица.
„Пет дена изминаа, а министерството за здравство и раководните лица на ГАК молчат и не превземаат никаква одговорност за општиот хаос што се случил според нашите информации. Во држава во која приватни објекти и ресторани имаат обезбедено генератори, недозволиво е установа од терциерната здравствена заштита, а при тоа и универзитетски клинички центар да нема функционален и сигурен резервен систем.
Додека во светот медицината напредува кон минимално инванзивни процедури, роботика и високотехнолошки решенија, во Македонија се молиме да не случајно снема струја на неколку часа, бидејќи немаме функционални генератори и животите на новороденчоњата кои се во инкубатори се оставени на милост и немилост.
Ова е апсолутен показател на некомпетентност, незаинтересираност и неодговорност. Ако за трагедии како Кочани или модуларната болница во Тетово не можевте да предвидите и се бараат секакви изговори, за овој случај нема изговори зашто ова е целосно предвидливо и вообичаена опрема во болница.
Доколку нашите информации се точни – ова е пропуст од огромни размери и најмалку што бара се оставки од морални причини, или ќе чекаме да дојде до смртни последици, па повторно да се изземаат сите од одговорност?!
Темелот на здравствениот систем е довербата. Прашање е кому ги доверуваме нашите животи?
Бараме директорката Ирена Алексиовска Папестиев итно да одговори за овие сериозни сомнежи“, стои во соопштението на Левица.
Извор: fokus.mk






