Трамп: Многу сум разочаран од НАТО во врска со конфликтот со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е многу разочаран од НАТО во врска со конфликтот со Иран, наведувајќи дека тековната војна оставила трага врз Алијансата „која никогаш нема да исчезне“.
Трамп на прес-конференција во Белата куќа изјави дека претставници на членките на НАТО ќе дојдат кај него во среда и дека сега сакаат да обезбедат помош во конфликтот со Иран, објави Скај њуз.
Американскиот претседател тврди дека членките на НАТО сакале да се воздржат од обезбедување помош сè додека САД не ја добијат војната против Иран.
На прашањето на новинарите дали е загрижен дека со намерно напаѓање на цивилната инфраструктура во Иран, ќе ја прекрши Женевската конвенција, Трамп рече дека не е загрижен и дека се надева дека нема да мора да го стори тоа.
„Ако мислите дека ќе им дозволам да имаат нуклеарно оружје, можете да им кажете на вашите пријатели во Њујорк тајмс дека тоа нема да се случи“, рече Трамп.
Тој рече дека неговиот одговор на претходното прашање зависи од тоа што ќе направи Иран следно.
Трамп повторно предупреди дека ако Иран не го исполни рокот од среда навечер за отворање на Ормуската Теснина, Иран нема да има мостови ниту електрани и ќе се врати во „каменото доба“.
„Можеме да ги бомбардираме бесмислено“, рече Трамп, посочувајќи дека смета дека Иран е доброволен учесник во потенцијален договор.






