Извештај: Новиот ирански врховен лидер Моџтаба Хаменеи во тешка состојба во Ком
Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хаменеи, е на лекување во градот Ком и, според информации на американското и израелското разузнавање, „не е способен да ја води државата“.

Според документот на разузнувачките служби лиферуван меѓу сојузниците во Заливот во кој увид имал лондонски „Тајмс“, Хаменеи е во тешка здравствена состојба и во бесознание, по воздушните напади во кои беше убиен неговиот татко, долгогодишниот врховен лидер Али Хаменеи.
Според наводите од разузнавањето, помладиот Хаменеи не учествува во донесувањето клучни одлуки во државата, додека траат подготовките за погребот на неговиот татко. Разузнавачките служби, како што се наведува, забележале и активности за изградба на голем мавзолеј во Ком со повеќе гробници што би може да укажува на планови таму да бидат погребани повеќе лица на исто семејство.
Иранските власти претходно потврдија дека Моџтаба Хаменеи бил ранет во истиот напад, во кој, според извештаите, загинале и неговата мајка и сопруга. Тој не е појавен во јавноста од почетокот на конфликтот, иако во март беше избран за наследник на функцијата на неговиот татко.
Во меѓувреме, иранската државна телевизија емитуваше писмени изјави што му се припишуваат, како и видео генерирано со вештачка интелигенција, на кое наводно се гледа како анализира мапа на израелскиот нуклеарен објект во Димона.
Информациите на разузнавањето дополнително ги поттикнаа шпекулациите дека вистинската контрола врз државата би можела да ја има Исламската револуционерна гарда, додека Хаменеи формално би останал на функцијата.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон води разговори со други ирански претставници, но не и со врховниот лидер.
Иранските медиуми наведуваат дека погребот на Али Хаменеи би можел да се одржи во неговиот роден град Машхад, еден од најголемите шиитски верски центри, додека јавна комеморација се очекува да биде одржана во Техеран. Датумот се уште не е објавен.
Утре истекуваат 40 дена од неговата смрт на 28 февруари, со што завршува традиционалниот период на жалост кај шиитските муслимани.






