Повикајте брза помош во Белата куќа!
Денко Малески
Своевремено, објаснувајќи им ја на студентите огромната моќ на американските претседатели да одлучуваат за војна и за мир, им ја раскажав дебата меѓу политичките научници во оваа голема светска сила, за последиците доколку едно утро претседателот се рабуди пореметен. Конечно, и американските претседатели се само луѓе кои можат да се разбудат со некакви жолти кругчиња во очите. Кои се институционалните, уставни и законски, механизми кои би го спречиле во намерата да почне војна? На големо изненадување на сите, заклучивме дека такви гаранции нема. Спасот од употребата на страшна разорна моќ од страна на американски претседател е во веројатноста неговите соработници да забележат дека нешто не е во ред со него и – да повикаат брза помош. Читајки ги зборовите на американскиот претседател Доналд Трамп упатени до раководството на Иран,мислам дека ова е таков момент. Но, никој не се осмелува да повика брза помош.

„Вторник ќе биде Дена на електроцентрали и Ден на мостови, се спакувано во едно, во Иран.Тоа ќе биде нешто што не сте виделе!!! Отворете го ебениот теснец, луди копилиња или ќе живеете во Пеколот – ЌЕ ВИДИТЕ! Слава му на Алах“. Потоа следи рокот:„20 частот Источно време“. Ова се точните зборови кои ги објави претседателот на Америка Доналд Трамп на неговата интернет мрежа Трут Соушл, а се однесуваат на најавениот напад на американската војска врз инфраструктурата на Иран доколку Техеран не го отвори Ормускиот теснец. Денес, вторник 7 април, е тој ден. Никој не знае што, навистина ќе стори американскиот претседател кој има обичај да го менува своето мислење, кога се работеше за претходните закани и наведените рокови. До крајот на денот ќе дознаеме. Читај ќи ја неговата порака уште еднаш се прашувам дали американскиот претседател е нормален? Ваков речник немам слушнато ниту прочитано во книгите од ниту еден американски претседател во историјата на оваа голема земја.
Ако не успеат посредничките напори да се стави крај на војната до крајот на денешниот ден и ако се остварат заканите на Трамп, вечер и во наредните денови Иран ќе гори од американски и израелски ракети, а заливските земји од иранските. Дека ова ќе има страотно негативни ефекти врз светската економија е вон сомневање. Ако почне и остане само на економските последици, тоа ќе биде добро зашто на Блискиот Исток се судруваат интересите на барем три големи сили: Америка, Русија и Кина. Ниту една од нив не е задоволна со актуелното светско статус кво, што е предуслов за светскиот мир. Имено, само свет во кој големите сили се задоволни со својата позиција во него, е релативно безбеден свет. Шемите кои ги цртавме во главите за некаков мирен премин кон мултипоарност преку нова прераспределба на светската моќ, останаа само тоа – шеми.За среќа, ниту една голема нуклеарна сила нема да тргне во самоубиствен поход против друга. Всушност, до извесна степен, ќе соработуваат меѓу себе за да се осигураат да не дојде то светска нуклеарна војна. Зашто, веќе е јасно дека Америка нема мирно да се повлече од позицијата на доминација која е сега оспорена од другите две големи сили, но и од средни сили како Иран. Мултиполарниот свет претпочита свест дека треба да се соработува со опонентите и да се признаат безбедносните грижи и интереси на сите. Или безбедност за сите или безбедност за никого , порачува Техеран. Ако вие ескалирате и ние ќе ескалираме. За жал, до свеста за почитување на безбедносните интереси на другиот, човештвото секогаш доаѓало преку војни.






