Егзит Фестивал се враќа во Црна Гора
Организаторите на Фестивалот Егзит соопштија дека, откако беше најавено дека оваа година нема да се одржи во Србија поради низа политички притисоци поврзани со поддршката на студентските протести, фестивалот започнува ново поглавје во својот развој, а Црна Гора ќе биде една од клучните дестинации ова лето.

„Во рамки на договорот постигнат со Владата на Црна Гора за развој на фестивалскиот туризам и секторот на креативни индустрии, ќе биде реализиран проектот „Егзит 2 Црна Гора“, кој предвидува организација на два големи музички настани, како и низа помали програми низ целата земја. Настаните ќе бидат распоредени во првата половина на јули и кон крајот на август, додека точните датуми и локации ќе бидат објавени наскоро .Новите проекти во Црна Гора претставуваат важен чекор во понатамошниот развој на фестивалот, кој, и покрај предизвиците и притисоците со кои се соочил, продолжува да ја шири својата фестивалска енергија низ светот и да ја поврзува публиката преку музиката и заедничките вредности што ги негува. Се очекува вкупната посетеност да надмине 200.000 луѓе, а се проценува дека вкупниот економски придонес на туризмот во Црна Гора би можел да надмине 40 милиони евра“, се наведува во соопштението.
По одлуката фестивалот да не се одржува во Србија, организаторите најавија глобална турнеја на атрактивни дестинации ширум светот, меѓу кои и еден фестивал пред Големите пирамиди во Гиза, Си стар (Sea Star) во Умаг, како и фестивалот Спајрал (Spiral) на Малта.
„Новите дестинации на фестивалот ќе бидат објавени наскоро. Но познато е дека најголемите случувања ќе се реализираат во Црна Гора“, се наведува во соопштението. Ексит се смета за еден од најпрепознатливите музички фестивали во светот. Во изминатите децении ѝ донесе на Србија три награди за најдобар европски фестивал на најпрестижното европско фестивалско натпреварување, како и повеќе од 300 милиони евра туристички приход. Американската телевизија ЦНН (CNN) своевремено процени дека придонесот од Ексит во меѓународна промоција на Србија изнесува 80 милиони долари годишно, додека пак британското списание Икономист (The Economist) го оцени како непроценлив. По јубилејното 25-то издание, фестивалот на истото натпреварување ја освои наградата и во категоријата за „Најдобра евент-организација“ во Европа, што основачите Душан Ковачевиќ и Иван Миливојев ја посветија на студентското движење“, се додава во соопштението.






