Земјите ширум светот го поздравуваат прекинот на огнот меѓу САД и Иран

Многу држави го поздравија договорот за двонеделен прекин на огнот меѓу САД и Иран, а меѓу првите со реакции се огласија Јужна Кореја, Нов Зеланд, Ирак, Австралија, Јапонија и Пакистан.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја изрази надеж дека „преговорите ќе бидат успешно завршени“ и оти „мирот и стабилноста на Блискиот Исток набргу ќе бидат обновени“. Истовремено, од Сеул посакуваат „слободна и безбедна пловидба на сите бродови низ Ормутската Теснина“, пренесува „Гардијан“.

 

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питер, го поздрави чекорот како „охрабрувачка вест“, но посочи дека „сè уште останува значаен дел од работата за да се обезбеди траен прекин на огнот“.

 

Министерството за надворешни работи на Ирак повика на „сериозен и одржлив дијалог“ за решавање на „основата“ на конфликтот.

 

Јапонија го оцени прекинот на огнот како „позитивен чекор“ и очекува дека ќе доведе до „конечен договор“ по почетокот на разговорите меѓу Вашингтон и Техеран.

 

Главниот секретар на јапонската Влада, Минору Кихара, истакна дека Токио се залага за деескалација во регионот, а премиерката Санае Такаичи планира разговори со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

 

Експертите наведуваат дека привремениот прекин на непријателствата претставува олеснување за Јапонија, која 90 отсто од потребите за сирова нафта ги обезбедува токму од земјите на Блискиот Исток, главно преку Ормускиот теснец.

 

Иако Такаичи ги осуди иранските напади, таа го одби барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за испраќање јапонски поморски сили. Таквата одлука произлегува од повоеното уставно уредување на Јапонија што забранува користење на сила во меѓународни конфликти. Трамп, пак, ги критикуваше Јапонија, Јужна Кореја и Австралија поради одбивањето да се приклучат на војната.

Позитивни реакции и на азиските берзи – јапонскиот индекс „Nikkei“ порасна за 4,8 проценти, додека јужнокорејскиот „Kospi“ скокна за 5,6 насто.

Аналитичарот Тахахиде Кјуичи од Институтот „Nomura“ предупреди дека земјите зависни од увоз на нафта, како Јапонија, би можеле да се соочат со „сериозни економски ризици“, што евентуално ќе бара намалување на потрошувачката на бензин и електрична енергија.

Back to top button
Close