ОЈО Скопје поведе постапка и бара притвор за таткото и двајцата синови кои претепаа вработени во „Бутел“

Скопското Основно јавно обвинителство поведе постапка и бара притвор за таткото и неговите двајца синови кои вчера на гробиштата во Бутел нападнаа двајца вработени во погребното претпријатие.
Зградата на Јавното обвинителство на РСМ, во кое се наоѓаат и просториите на Основното јавно обвинителство Скопје / Фото: „360 степени“ (Архива)
Како што соопшти попладнево од Јавното обвинителство на РС Македонија, тие ќе се гонат за кривичното дело насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
Според деталите за случајот од Обвинителството, мотив за нападот бил одмазда.
„На 7 април, осомничените во група малтретирале и грубо навредувале двајца оштетени, а во јавноста предизвикале чувство на страв, несигурност и загрозување. Мотив за настанот била одмазда, при што еден од осомничените и неговите два сина ги пресретнале двајцата оштетени на нивното работно место, во АД Гробишта ‘Бутел’“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Осомничените со удари со тупаници, користејќи боксирач, започнале физичка пресметка со оштетените, а кон нив замавнувале и со нож. Во еден момент таткото, кој е првоосомничен, извадил гасен пиштол, со кој удрил еден од вработените во погребното претпријатие по главата, при што пиштолот во тој момент испукал.
Од насилството, двајцата оштетени се здобиле со повеќе телесни повреди.
Јавниот обвинител за тројцата осомничени, односно таткото и неговите синови, до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор бидејќи, како што се наведува, постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и можност од вршење нови кривични дела.
Претходно денеска за случајот информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР). Оттаму наведоа дека до инцидентот дошло кога вработените во погребното претпријатие ги забележале осомничените во близина на едно гробно место, а бидејќи им биле познати од претходно како извршители на тешки кражби, вработените ги предупредиле дека ќе повикаат полиција.






