Масовни протести и генерален штрајк во Франција со барање за значително зголемување на минималната плата

– Француските синдикати денеска излегоа на улиците за да извршат притисок врз владата да донесе значително зголемување на минималната плата, организирајќи масовни протести и генерален штрајк низ земјата, јави ДПА.
Лидерката на најголемиот синдикат – Француската демократска конфедерација на трудот (ЦФДТ), Маријлис Леон, во интервју за телевизијата БФМТВ побара нето-месечно зголемување на платите за 100 евра (112 долари), додека членовите на синдикатот маршираа низ неколку поголеми градови во рамки на националниот ден на протест. Леон изјави дека луѓето мора да можат пристојно да живеат од својата работа.
Генералната секретарка на синдикатот Генерална конфедерација на трудот (ЦГТ), Софи Бине, ја поздрави најавата на владата дека сака дополнително да ја зголеми минималната плата, покрај веќе утврденото зголемување што треба да стапи во сила во јануари. Сепак, Бине оцени дека дополнително зголемување од 0,5 или 0,6 отсто нема да биде доволно.
– Франција е европската земја во која минималната плата најмалку се зголемила во последните 10 години. Сега станавме земја со ниски плати – изјави Бине за телевизијата ЛЦИ, додавајќи дека треба да се зголемат и другите плати.
Фредерик Сујо, претседател на синдикатот „Работничка сила“ (ФО), во интервју за весникот „Ла Трибјун“ во неделата побара минималната плата да се зголеми на 2.000 евра бруто месечно.
Минималната бруто-плата во Франција во моментов изнесува 12,31 евро на час. Во Германија таа изнесува 13,90 евра и во јануари треба да се зголеми на 14,60 евра. Работник во Франција кој прима минимална плата заработува околу 1.867 евра бруто месечно за работна недела од 35 часа, додека во Германија оваа сума изнесува околу 2.343 евра.
Сè уште не е јасно од каде би се обезбедиле средствата за зголемување на платите, со оглед на тоа што Франција е високо задолжена земја. Синоќа, првичниот нацрт-буџет на земјата за следната година не доби поддршка во Националното собрание. Нацрт-буџетот беше толку многу изменет за време на пленарната расправа што не доби ниту еден глас „за“. Сите 458 пратеници во долниот дом на парламентот го отфрлија предлогот на доцната вечерна седница.
Сега на ред е горниот дом на парламентот, Сенатот, да ја разгледа првичната верзија на нацрт-буџетот. Малцинската влада на премиерот Себастијан Лекорни се обидува да протурка буџет за штедење за следната година.






