Мицкоски бара фер европски процес, Рокас ги поздрави реформите, но посочи на слабостите во борбата со корупцијата
Македонија останува посветена на членството во Европската Унија, но не прифаќа евроинтеграциите да бидат условени од билатерални спорови, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас по врачувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2026 година. Евроамбасадорот оцени дека земјата е меѓу најподготвените кандидатки за членство во Унијата.

Според Мицкоски, Европската комисија објави подобар извештај за напредокот на Македонија во однос на минатата година, со забележан значителен напредок во спроведувањето на реформите и зголемено ниво на подготвеност во две поглавја. Тој оцени дека резултатите се конкретни и видливи, но нагласи дека остануваат обврски кои институциите мора сериозно да ги исполнат.
„Имаме подобар извештај од лани. Имаме значителен напредок во спроведувањето на реформите, нема оценка за назадување во ниту едно поглавје, а зголемено е и нивото на подготвеност во две поглавја, за разлика од минатата година кога тоа беше случај во едно“, посочи Мицкоски.
Премиерот нагласи дека позитивните оценки се поткрепени со конкретни резултати, посочувајќи дека земјата е меѓу оние со најдобри резултати во рамки на Реформската агенда и Планот за раст.
Напредок, според премиерот, е евидентиран во повеќе области, меѓу кои економијата, дигиталната трансформација, науката и истражувањето, како и одбранбената и надворешната политика. Во областа на образованието е усвоена нова стратегија, додека во правосудството е донесен новиот Закон за Судскиот совет, кој бил позитивно оценет во однос на претходниот период.
Мицкоски посочи дека во правосудството оценката е подобрена од „нема напредок“ на „одреден напредок“, но нагласи дека тоа треба да биде потврдено и преку практична примена на законите и конкретни резултати. Тој упати порака и до судските и обвинителските институции дека се потребни професионално, доследно и одговорно постапување.
Во однос на надворешната и безбедносната политика, премиерот ја истакна целосната усогласеност на земјата со политиките на Европската Унија, оценувајќи дека Македонија останува кредибилен европски партнер.
Сепак, Мицкоски призна дека извештајот содржи и забелешки и обврски кои мора да бидат исполнети од сите надлежни институции. Посебно се осврна на уставните измени, потенцирајќи дека евроинтегративниот процес треба да се одвива со јасни правила, предвидливост и доследност.
Тој повтори дека европската интеграција останува трајна стратешка определба на државата, и покрај тешкотиите со кои се соочува земјата. Според него, причините за застојот се подлабоки од оценките во кој било поединечен извештај, а билатералните прашања не треба да ја заменат суштината на пристапниот процес.
„Не бараме привилегии, туку доследна примена на принципот дека напредокот треба да се вреднува според постигнатите резултати“, порача Мицкоски, додавајќи дека процесот на проширување треба да добие нова енергија, заснована на реформите што ги спроведуваат земјите кандидатки.
Премиерот нагласи и дека Европската Унија е најважниот економски партнер на земјата и дека нејзиното членство е од стратешко значење за економскиот развој и институционалната стабилност на Северна Македонија.
Од своја страна, евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека Европската Унија останува целосно посветена на европската иднина на Македонија, нагласувајќи дека проширувањето продолжува и покрај длабоките геополитички предизвици со кои се соочува Европа.
Рокас ги поздрави позитивните резултати во усогласувањето на македонската надворешна политика со политиките на ЕУ, оценувајќи дека земјата е сигурен партнер кој ги споделува европските стратешки приоритети. Тој истакна дека Македонија останува меѓу кандидатките со највисоко ниво на подготвеност за членство во Унијата.
Сепак, евроамбасадорот направи разлика меѓу напредокот во рамки на Реформската агенда и пошироката оценка за реформскиот процес, посочувајќи дека напредокот не е подеднаков во сите области. Според него, извештајот јасно ги нотира областите во кои е потребно порешително дејствување, особено борбата против корупцијата, правосудството и јакнењето на институциите.
Рокас нагласи дека во борбата против корупцијата сè уште нема напредок и дека се потребни посилни институции, ефективни истраги и гонење, како и конкретни резултати во случаите на корупција на високо ниво. Тој ја истакна и потребата од заштита на судиите и обвинителите од политички притисоци, како и унапредување на слободата на медиумите и слободата на изразување.
Според евроамбасадорот, овие реформи не се само формални услови за членство, туку имаат суштинско значење за подобрување на животот на граѓаните.
Во однос на евроинтеграциите, Рокас потсети дека уставните измени предвидени во 2022 година сè уште не се завршени и дека станува збор за преземени обврски од страна на државата. Тој ги повика сите политички партии активно да работат на исполнување на обврските и продолжување на патот кон членство во Европската Унија.
Нагласи дека соработката меѓу политичките актери и поширокото општество не треба да чека, туку паралелно со реформите треба да се создаваат услови за напредок во пристапниот процес.
„ЕУ ги препознава вашите напори, достигнувањата на Северна Македонија и аспирациите на народот. Нашата посветеност останува цврста и непроменета. Време е да ги искористиме можностите“, порача Рокас.






