Натали Саго – трета жена која во НБА ќе суди плеј оф натпревар

НБА лигата денеска ја објави листата од 36 судии, кои се номинирани да ги судат натпреварите од плеј-ин турнирот и првата рунда од плеј офот. На таа листа е и Натали Саго, која е трета жена која ќе суди натпревари од плеј-офот во НБА лигата. Пред неа судеа: Виолет Палмер и Ешли Мојер-Глич.
Саго веста ја дознала од извршниот директор на НБА задолжен за судиите, кога била на аеродромот во Солт Лејк Сити.
– Ова е огромна чест. Возбудена сум и подготвена да го дадам својот максимум и за жените кои доаѓаат по мене и за сите девојки, кои ќе гледаат плеј-оф натпревари, изјави Саго.
Помалку од половината судии добиваат шанса да судат во доигрувањето.
Лигата соопшти дека судиите кои ќе судат во плеј-офот се избрани врз основа на клучни критериуми, кои се следат целата сезона: оценките и рангирањето од страна на НБА секторот за судење, точноста на одлуките и тимската работа.
Палмер судеше девет плеј-оф натпревар од 2006 до 2012 година, а Мојер-Глич судеше два натпревара во 2024 година.






