Кој ја запали синагогата?

Денко Малески

Претставниците на верските заедници на Македонија беа едногласни во осуда на чинот на палењето на еврејската синагога во Скопје. Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, пак, укажа дека, од 1943 година наваму немало ваква манифестација на омраза кон Евреите во земјава. Не ја исклучи можноста дека чинот на палење е на повик на Исламска држава до муслиманите во светот. Ако се работи за двајца лунатици кои се одзвале на повикот, полицијата ќе се справи со нив. Но, ако е ова манифестација на пошироко незадоволство на муслиманското население во државава со политиката на Израел кон своите соседи на Блискиот исток и незадоволство со политиката на македонската влада кон Израел и Америка, ова може да биде почеток на едно лошо сценарио.

Имено, според пописот од 2021, нешто над 32% проценти од граѓаните на нашата држава се муслимани, а во модерните демократии и надворешната политика е производ на јавното мислење. Следејќи ја погрешната реакција на премиерот, на денот на нападот на Израел и на Америка врз Иран, кога тој ја даде целосната поддршка на македонската влада, а подоцна и на министерот за надворешни работи кој го стори истото во телефонски разговор со израелскиот колега, заклучив дека е тоа производ на неискуство и незнаење. Зашто, ако ништо друго, партиите знаат да бројат гласови и сигурен сум дека со таквото поведение, на наредните избори, отпишале секој трет граѓанин на Македонија. Она што останува енигма, ако е тоа, е поведението на партиите во владата кои ја црпат својата поддршка од муслиманскиот дел на населението. Повторно неискуство и незнаење, или едноставно желба за владеење?

Во средиштето на кризата на Блискиот исток е палестинското прашање. Приближно 7 милиони Израелци наспроти приближно толку Палестинци кои живеат во држава на апартхејд. Повеќе од 150 држави од 193 членки на ОН се залагаат за решението наречено „Две држави“, кои би живееле во мир една покрај друга. Меѓу нив, колку знам, е и Македонија која, сепак, се обидува да седи на две столици, силно поддржувајќи ги агресорите во оваа геноцидна војна,прво во Газа, а сега и против Иран на кој американскиот претседател му се закани со исчезнување од лицето на Земјата. Сегашната ултранационалистичка влада во Израел е спремна да го запали Блискиот исток во остварување на својата цел – Голем Израел. Всушност, голема војна е единствениот начин да се дојде до Голем Израел. Зашто, само после таква војна би можеле (?) да се прекројат границите на регионот и да се протераат Палестинците. Имено, убивање на 7 милиони Палестинци би било нов Холокауст.

Сликите на смрт на илјадници деца во Газа на ТВ екраните, проследени со навивањето на нашата влада за моќните машини за убивање, армиите на Израел и на Америка, и отсуство на јавен збор на осуда, зборуваат лошо не само за неа туку и за нас како народ. Зборува лошо и за нас како христијани, би рекле религиозните меѓу нас, на овој Велигден 2026.

Back to top button
Close