(ВИДЕО) Моника Зајкова: Дадов изјава на нотар дека немам друго државјанство освен македонското
Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова објави заверена изјава пред нотар дека нема друго државјанство освен македонското и ги повика своите колеги пратеници, но и сите функционери, да заверат иста таква изјава пред нотар дека немаат друго државјанство освен македонското, како и дека немале двојно државјанство во моментот кога стапиле на функцијата.
„Во моментов изглегов од нотар каде што дадов изјава дека ниту сум поседувала ниту во моментов поседувам друго државјанство освен македомнското. И барам до сите пратеици да го направат истотот со цел да покажаеме дека промените треба да почнат од сите нас и дека навистина немаме двојни аршини“, истакна Зајкова.
Реагирајќи на предлог-законските измени на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се предвидува пратеник во Собранието да може да стане лице што има само македонско државјанство, пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, вели дека ваквата одредба не треба да важи само за пратениците, туку и за сите избрани и именувани функционери.
„Нели ви е преку глава од дволичноста и двојните стандарди на ‘големите’ партии. Законот треба да важи еднакво за сите. Како што важи за претседателот на државата, за јавниот обвинител, за амбасадорите – така да важи и за сите избрани и именувани лица. Без исклучок. Од денес. Еве, нека немаат двојно државјанство и пратениците, и министрите, и директорите – сите. И тоа да важи за сегашните, без одлагање“, коментира Зајкова во објава на Фејсбук.
Дополнително, таа ги повика пратениците кои се предлагачи на законските измени да побараат оставки од министрите кои евентуално имаат или имале двојно државјанство во моментот на изборот.
Пратеникот Бојан Стојаноски вчера изјави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднела измени на Законот за пратеници со кои се предвидува пратеник да може да стане само лице што има само македонско државјанство. Стојаноски рече дека законското решение ќе важи и за сегашниот собраниски состав, не само за тие што ќе бидат избрани понатаму.





