Жерновски: Нашата земја не е само заглавена. Ниту блокирана. Македонија е избришана од агендата

Неделава повторно пристигнаа непријатни вести од Брисел.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, говорејќи во рамките на Структурниот дијалог пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET), ги наброја земјите кои напредуваат, но и оние кои не напредуваат на патот кон ЕУ.

Беше приметливо дека една земја воопшто не беше спомната во ниту една од двете групи.

За жал, тоа е Македонија.

Тоа значи дека нашата земја денес не е само заглавена. Не е ниту блокирана. Македонија денес е избришана од агендата.

ИСЧЕЗНАТА!

 

Се разбира дека не се работи за протоколарен пропуст, туку за политичка порака која треба сите да не’ отрезни.

 

Нема никаква дилема дека ова е најтивката, но и најтешката форма на изолација- твојата земја да не биде ниту критикувана, ниту пофалена, туку едноставно ИГНОРИРАНА!

 

Украина, Молдавија, Црна Гора, Албанија, па и Косово, денес се дел од активниот пристап во политички процес со јасни и директни пораки, препораки, очекувања и динамика.

Само ние сме оттурнати настрана.

Или поточно и поискрено кажано, сами се оттурнавме.

 

Ова што денес го доживува Македонија не е случајност, ниту резултат на „лош сплет на околности“. Напротив, станува збор за однапред калкулирана стратегија, во која совршено се вклопуваат некадарноста и суштински празната надворешна политика на Мицкоски и неговата влада. Стратегија на самонаметната изолација, во која државата свесно се оттурнува од европскиот процес, при што секако токму Европска унија се претставува како главниот виновник за таа изолација. Таквиот наратив, односно политички маневар, е предуслов за внатрешната контрола во која непречено ќе се продолжи со криминалното празнење на буџетот, со зацврстување на притисоците врз судството , како и со задушувањето на медиумскиот простор.

Кога државата се оттурнува од надворешниот надзор и европските стандарди, тогаш се отвора простор за толку посакуваната внатрешна неказнивост- која всушност е вистинската цел на оваа влада.

 

Но ако премиерот ја води државата во изолација, тогаш прашањето е што работи и каква е улогата на Министерството за надворешни работи? Каде е Тимчо Муцунски?

 

Македонија никогаш досега немала министер за надворешни работи кој е толку невидлив, толку безгласен и толку ирелевантен на домашната и на меѓународната сцена.

 

Во време кога дипломатијата треба да биде најгласна, нашата молчи.

Во време кога државите ревносно се борат за својата позиција, нашата ја нема.

 

Во моменти кога Кос отворено зборува дека земјите од регионот се изложени на ризик трајно да изгубат повеќе од 700 милиони евра ако реформите од Планот за раст не бидат завршени до крајот на грејс периодите што доаѓаат во 2026 година, Македонија не е ни предупредена. Ниту охрабрена.

Всушност, ниту спомната.

 

Оваа влада “успеа” да направи нешто што долго време изгледаше невозможно- Да ја претвори Македонија од „sвезда, добрата вест и светлиот пример во регионот за решавање на спорови“ во пример за исчезнување од агендата.

Од држава што отвораше перспективи – во држава што никој не ја прашува каде оди.

 

И тука веќе не станува збор за дневна политика.Станува збор за државен интерес, бидејќи држава што ја нема во разговорите, утре нема да ја има ни во одлуките.

 

А држава што ја нема во одлуките, ризикува да ја нема ниту во иднината.

 

Затоа, ова не е момент за пропаганда и самозалажување.

Ова е момент за одговорност.

 

Потребна е итна промена на курсот:

враќање на активната дипломатија, обновување на довербата со клучните партнери и јасна, предвидлива европска стратегија.

 

Македонија мора повторно да стане тема.

Мора повторно да стане фактор!

Ако продолжиме вака, злонамерниците нема ни да имаат потреба од блокада.

Едноставно, во Брисел повеќе нема ни да не’ забележат.

А тоа е најопасната позиција во која една држава може да се најде.

Андреј Жерновски

Back to top button
Close