Џиро д‘ Италија: Мание победи на првата етапа во Бугарија

Францускиот велосипедист Пол Мание (Судал Квик-Степ) е победник на првата етапа на трката Џиро д’Италија, чие 109. издание годинава стартуваше во Бугарија.
Првата од трите етапи што ќе се возат во Бугарија, беше во должина од 147 километри од Несебар до Бургас на брегот на Црното Море.
Мание мина попладнево низ целта со време од три часа и 21 минута и до победата дојде во спринтерска завршница, која беше проследена со масовен пад во последниот километар.
Според првите информации, сите велосипедисти кои паднаа успеаја да ја продолжат трката и да ја завршат етапата.
Главниот фаворит за победа, Данецот Јонас Вингегор без проблеми заврши во главната група, додека еден од неговите најголеми ривали, Словенецот Тадеј Погачар, го прескокна овогодишното Џиро за да се фокусира по петти пат да триумфира на Тур д’Франс во јули.
Втората етапа се вози в сабота и опфаќа ридест дел од Бургас до Велико Трново, во должина од 221 километар.






