Телото било запалено и бетонирано: Србија во шок по мафијашката ликвидација
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа на РТС се осврна на бруталното убиство кое ја потресе Србија, откако кај Инѓија беше пронајдено тело во закопано буре, за кое постојат сомнежи дека е на Александар Нешовиќ Баја.

Според српските медиуми, Нешовиќ бил убиен на 12 мај во ресторанот „27“ на белградски Сењак. Во случајот досега се уапсени десет лица, меѓу кои и началникот на Полициската управа за град Белград, Веселин Милиќ, кој истиот ден бил разрешен од функцијата.
Обвинителството се сомнева дека токму Милиќ телефонски го повикал Нешовиќ да дојде во ресторанот и му предложил да не носи обезбедување. Според истрагата, Нешовиќ првично се премислил кога ги видел возилата на осомничените, но по нов повик од Саша Вуковиќ Боске, со кого бил во конфликт, повторно се вратил и седнал на маса. Обвинителството сомничи дека Вуковиќ потоа извадил пиштол и испукал повеќе куршуми кон него.
„Ова го направиле монструми. Тоа не се луѓе. Без разлика за кого станува збор, никој не смее да заврши на ваков начин“, изјави Вучиќ.
Тој најави „најжестока можна борба“ против криминалот и корупцијата во полицијата.
„Сите кои учествуваат во заштита на криминалци ќе мора да ја напуштат работата. Не сакаме тајкунска полиција која ќе работи приватни работи“, рече Вучиќ.
Според него, осомничените се обиделе да ги доведат истражителите во заблуда, тврдејќи дека телото е фрлено во Сава, додека всушност било закопано кај Инѓија.
„Специјалците пронајдоа траги од запалено дрво и материјал. Бурето било пресечено на половина, телото згрчено и запалено, а потоа сè било бетонирано во некаква гаража“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека осомничените по злосторството се вратиле во кафуле и пиеле пијалак.
„Можете да замислите со какви монструми имаме работа“, рече српскиот претседател.
Вучиќ изјави и дека е незадоволен од состојбата во делови од безбедносниот систем.
„97 проценти од полицајците се чесни луѓе, но поради тие три проценти валкани полицајци, кои сите ги знаат, повеќе нема да можат да ја работат таа работа“, порача тој.
На крајот, Вучиќ оцени дека Србија и понатаму е една од најбезбедните земји во Европа, но призна дека проблемот често се наоѓа во раководните структури.
„Сакам уредена држава во која вакви работи никогаш повеќе нема да се случуваат“, изјави Вучиќ.






