Како обвинет политичар да избега од правдата – полски пример

Спектакуларната победа на изборите во Унгарија на Петер Маѓар, надвор од задоволството во европските престолнини и во ЕУ за падот на Виктор Орбан, предизвика дополнителни очекувања (а и стравувања) во јавноста во две земји – Полска и Македонија. Затоа што на тројца поранешни политичари, кои избегаа од сопствените земји, Орбан им даде политички азил за да го избегнат соочувањето со правдата. Тоа се поранешниот министер за правда на Полска во претходната националистичка влада на партијата Право и правда, Збигњев Зиобро, неговиот тогашен заменик Марчин Романовски, како и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
Нивните случаи се посебен пример како политичари бегаат од сопствената држава. За случајот на Никола Груевски знаеме многу работи, а некои и денес, седум и пол години од бегството, уште не ги знаеме.
Во овој текст ќе претставиме колку понекогаш изгледа тешко поранешни високи политичари да се соочат со правдата. И како во странски земји и преку домашни правосудни сплетки тие остануваат далеку од раката на правдата. Полскиот пример изгледа многу поучен дека и најдобрите намери на една нова власт поранешни политичари, за кои има неколку десетици обвиненија за криминал со државни пари, може да се „шмугнат“ по тајни или јавни патишта во туѓи земји и оттаму да се претставуваат како херои и да тврдат дека се жртви на политички прогон.
Откако Зиобро беше забележан на еден американски аеродром полската и унгарската јавност беше во извесна состојба на шок како еден толку баран осомничен криминалец може да пребегне во САД без пасош. Ројтерс ги објави деталите.
Според овие информации добиени од американски претставници, заменикот-државен секретар на САД, Кристофер Ландау, им наредил на високите службеници во неговиот оддел да обработат и одобрат виза за Збигњев Зиобро. Полска го бара Зиобро, архитектот на контроверзните промени во полскиот правосуден систем за кои ЕУ вели дека го поткопале владеењето на правото за време на владеењето на ПиС. Зиобро се соочува со 26 обвиненија, главно за злоупотреба на средства. Тој ги отфрли обвиненијата како политички прогон од страна на сегашната проевропска влада на Полска.
Наредба од врвот на Стејт департментот
Полскиот премиер Доналд Туск, говорејќи пред состанокот на кабинетот во вторникот (19.05), рече дека Полска нема да престане да се обидува да го изведе Зиобро пред лицето на правдата во Полска. Иако администрацијата на Трамп ја постави како приоритет поддршката на конзервативните ставови во Европа, доделувањето виза на политичар кој се соочува со обвиненија во земја која е сојузник на САД е многу невообичаено, забележа Ројтерс.
Орбан му додели азил на Зиобро во јануари. Варшава се надеваше дека поразот на Орбан од проевропскиот ривал Петер Маѓар на изборите во април ќе доведе до враќање на бараниот поранешен министер во Полска. Маѓар рече дека ќе го екстрадира во Полска кога ќе стапи на функцијата.
Ландау им наредил на високите службеници во Бирото за конзуларни работи на Стејт департментот да ја упатат амбасадата на САД во Будимпешта да му издаде виза на Зиобро, рекоа три извори, од кои еден вели дека станува збор за новинарска виза. Наводно, тој бил акредитиран во САД како дописник на десничарската Телевизија Политика. Како резултат на интервенцијата на Ландау, поранешниот министер за правда успеа да обезбеди виза пред Маѓар да положи заклетва на 9 мај.
Петер Маѓар изјави дека Зиобро не патувал директно од Унгарија во Соединетите Американски Држави. „Не знам дали патувал од Виена, Париз или Брисел, но не ја напуштил Унгарија за САД. Неговата местоположба во моментов е непозната за унгарските власти“, рече Маѓар.
САД веројатно му доделиле специјална виза затоа што имал политички азил во Унгарија.
На почетокот на неделата се веруваше дека во Унгарија остануваат уште двајца поранешни политичари-азиланти: Марчин Романовски и Никола Груевски.
Само ден подоцна се дозна дека и Романовски ја напуштил Унгарија. Маѓар, кој беше во Варшава изминативе денови (негова прва посета во странство) во интервју за една полска телевизија рече дека Романовски веројатно ја напуштил Унгарија преку Србија.
На прес-конференцијата со полскиот премиер Доналд Туск, Маѓар рече:
„Уште за време на кампањата предвидов дека поранешниот министер за правда (Збигњев Зиобро) и заменик-министер (Марчин Романовски) нема да чекаат на мојата инаугурација. Ова навистина се случи. Како што знаете, едниот од нив индиректно ја напушти Унгарија за САД. Другиот ја напушти Унгарија за Србија“.
Наводно државниот секретар Марко Рубио бил изненаден од доделувањето виза за Зиобро и не бил запознат со тоа. Наводно за тоа не знаел ниту Доналд Трамп.
Судот во Варшава издаде европска потерница за Романовски кон средината на февруари, додека истото барање од обвинителството против Зиобро сè уште е во постапка пред судот.
Токму тоа барање за издавање на Европскиот налог за апсење и сплетките, кочниците и саботирањето на судиите поставени од претходната влада на ПиС отсликуваат колку правосудниот систем бил длабоко заробен во Полска за осумте години владеење на националистичката влада и колку е тешко да се враќаат демократските правила, иако поминаа две и пол години од победата на проевропската коалиција.
Во судските лавиринти изградени од националистите
Еве го тој полски пример. Многу наликува на македонските случаи што ги покрена СЈО и кои со години заглавуваа во судовите. Некои од овие факти за случајот на Збигњев Зиобро можеби се премногу детализирани и може да изгледаат неважни за македонските читатели, но изгледаат како вистинска слика за лавиринтите во судството во кои се губи потрагата за правда. Деталите се со помош на повеќе полски колеги од неколку медиуми.
Според медиумските извештаи, ТВ Република требало да му помогне на Зиобро да ја напушти Унгарија. Политичарот во бегство требало да влезе во САД со новинарска виза и таканаречен пасош за бегалци, на кој има право бидејќи владата на Виктор Орбан му додели политички азил. Зиобро избегал од Унгарија на денот на инаугурацијата на Петер Маѓар.
Влијателниот дигитален медиум „Онет“ откри дека кружат непотврдени гласини оти Зиобро престојува во САД во домот на Јацек Курски, поранешен претседател на државната телевизија ТВП (за време на владата на ПиС).
Вториот бегалец, Марчин Романовски избега во Будимпешта во 2024 година за да избегне обвиненија и апсење во скандалот со Фондот за правда. Тој исто така исчезна по инаугурацијата на Маѓар. Како што објави полската десничарската веб-страница wPolityce, и тој веќе е во САД. На 14 мај, беше објавена снимка од Романовски, во која тој ја најавува својата континуирана борба против владата на Туск. Сепак, тој не откри каде се наоѓа.
Ситуацијата на Романовски е полоша затоа што полскиот суд издаде Европски налог за апсење (ЕАВ) за него. Затоа, тој не може слободно да патува во рамките на ЕУ. Поради оваа причина, не треба да му се издаде виза за САД, бидејќи бараните лица не подлежат на таква постапка. Весникот „Газета виборча“ објави дека претходно му била одбиена виза токму поради оваа причина.
Иако Зиобро избега во САД – можеби дури и со помош на унгарските и американските разузнавачки агенции – полското обвинителство опстојува на своето барање за издавање на Европски налог за апсење за него. Сепак, не е јасно кога ќе се расправа за случајот. Од неколку причини.
Брзото издавање на ЕАВ е блокирано од новите судии од апелациониот суд. Судијката Јоана Грабовска од Окружниот суд во Варшава треба да го разгледа барањето за издавање на Европска потерница за Зиобро. Сепак, таа сè уште не донела одлука, иако на почетокот на февруари 2026 година, Окружниот суд за Варшава-Мокотов му одреди притвор на Зиобро.
Судијката одлучи да почека на расправата за жалбата поднесена од адвокатите на Зиобро, кои се жалеа на одбивањето за прекинување на постапката, додека не се издаде конечната одлука со која се одобрува неговото притворање. Адвокатите на Зиобро ги одолговлекуваа формалностите толку долго што нивната жалба не беше поднесена до апелацискиот суд во Варшава сè до 12 мај 2026 година.
За неа ќе решава апелацискиот суд, кој е составен целосно од нелигитимни нови судии. Тие беа распоредени во овој суд со одлука на претседателот на судот, откако партијата Право и правда (ПиС) ја напушти власта. Ова беше направено за да се спречи да се донесуваат пресуди. Ова ги изложува странките во спорот на долги чекања за конечна одлука.
На 14 мај 2026 година, Апелацискиот суд во Варшава објави дека новата судијка Ана Новаковска е избрана да ја разгледа жалбата на адвокатскиот тим на Зиобро против одбивањето да се суспендира случајот за Европскиот налог за апсење. Таа беше поранешен раководител на кривичниот оддел на судот.
Поради третманот на судијката Ана Калбарчик во Апелацискиот суд за време на претходната власт, која претрпе малтретирање и притисок поради почитување на европското право, поднесена е жалба до Националното обвинителство. Во жалбата за однесувањето на другите судии е наведена и Новаковска, меѓу другите.
Новата судијка Новаковска е исто така една од обвинетите од кои се бара извинување и отштета од 50 илјади евра во значајната тужба поднесена од судијката Марзана Пиекарска-Дражек. Нејзината тужба е за репресија во овој суд за време на владата на ПиС. Поранешниот министер за правда Збигњев Зиобро е исто така обвинет во оваа тужба. Нео-судијката Новаковска, исто така, не го положи тестот за независност во Врховниот суд. Поради оваа причина, Врховниот суд поништи над 20 кривични пресуди во врска со неа. Таа беше номинирана во Апелацискиот суд во 2022 година од страна на нелегалниот неонационален судски совет.
Лента за изземање на судии
Се очекува обвинителството да поднесе барање за изземање од разгледување на жалбата поднесена од адвокатскиот тим на Зиобро. Потоа жалбата ќе ја разгледа судија. Ова ќе трае од неколку дена до 2-3 недели, бидејќи судиите имаат и други должности, а доаѓаат и одмори. Доколку новата судијка Новаковска биде изземена, жалбата ќе биде препратена до следното лице во одделот за жалби, што значи друг нов судија. Вкупно има 11 судии. Потоа обвинителството ќе поднесе барање за повторно изземање, и така натаму сè додека не бидат изземени сите нови судии.
Обвинителството ќе ги иззема новите судии не само поради нивниот фаличен статус, туку и поради нивната вмешаност во „реформите“ на Зиобро, што им овозможи брзо да бидат унапредени. Некои од нив се симболи на овие „реформи“. Освен Новаковска, овој дел вклучува и лица кои веќе биле дисциплински обвинители на Зиобро. Денес овие судии се во средината на бунтот против напорите на владата на Туск за враќање на владеењето на правото.
Доколку сите 11 нови судии од делот треба да бидат отстранети еден по еден, тоа може да потрае неколку месеци. Дури откако сите 11 случаи ќе бидат отфрлени, адвокатите на одбраната на Зиобро ќе можат да бидат сослушани пред апелациските судии. Ова можеби нема да се случи до есен.
И ако одбивањето за суспензија се потврди, тогаш случајот ќе се врати во Окружниот суд во Варшава.
Но, повеќе не мора да оди кај судијката Грабовска. Националното обвинителство може да поднесе барање за нејзино исклучување. Таа поседува 102 акции во Телевизија Република – како сосопственост. Но, сега кога Зиобро стана дописник на Република од САД таа може да се смета за пристрасна. И обвинителството веројатно сега ќе поднесе такво барање.
Ова покажува дека судот не е подготвен да го приоризира случајот. Судовите треба да функционираат ефикасно, а тие исто така треба да дадат приоритет на обезбедувањето што е можно побрзо за донесување независни одлуки во случајот на поранешниот министер, кој, на крајот на краиштата, се обиде да уништи независен правосуден систем.
Сепак, судиите можат да се заштитат од идните обвинувања дека направиле грешка. Доколку ПиС се врати на власт, Зиобро ќе бара одмазда. Сепак, судиите не треба да се плашат.
Рутинското, дури и сосема бавно, дејствување на судовите во овој случај му даде време на Зиобро прво да се подготви за патување во Унгарија и таму да побара азил од Орбан. Доцнењето во издавањето на одлуката за Европскиот налог за апсење му даде време на Зиобро да се подготви за патување во САД и да добие виза (на крајот на краиштата, тој не е меѓународно баран).
Сепак, недостатокот на конечна наредба за притвор за Зиобро ги врзува рацете на обвинителството. Тие не можат да побараат екстрадиција на политичарот од САД, бидејќи тоа би ризикувало неуспех. Тие мора да имаат конечна наредба за притвор.
Без оваа одлука, обвинителството исто така не може да побара Интерпол да го додаде Зиобро на меѓународната листа на барани лица. Во моментов, Зиобро може да биде приведен само врз основа на потерница издадена во Полска. Доколку беше во базата на податоци на Интерпол, службите ширум светот би знаеле дека е баран и потоа би можеле да го уапсат.
По бегството на Зиобро и Романовски, од високопрофилните политички бегалци во Унгарија останува само поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Македонското министерството за правда одолговлекува од доставувањето на ново барање за екстрадиција, наводно собирајќи ги сите документи од судовите за досието на Груевски.
Поранешниот премиер неодамна во една голема објава на Фејсбук повторно тврдеше дека бил цел на политички прогон во Македонија, а посредно му порача на Петер Маѓар дека не знаел на што сѐ тој бил изложен во Македонија. Маѓар првиот ден по победата на изборите на неговата меѓународна прес-конференција самиот го спомна Груевски како „криминалец“ на кого не му е местото во Унгарија.
Љупчо Поповски
Извор: dw.com






