Мицкоски: Македонија се соочува со неправедна блокада на патот кон ЕУ, мора да влеземе, но притоа да останеме сочувани и достоинствени

Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. Мора да влеземе во Европската унија но притоа да останеме сочувани и достоинствени, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од свечената академија што по повод Денот на сесловенските просветители се одржа во црквата Свети Софија во Охрид.
– Нашите одлуки ја одредуваат нашата иднина. Ако се држиме цврсто и обединето, без оглед на тоа кој е на другата страна, ќе останеме цврсти, а споделената мака е помала мака. Токму тоа јадро било разнишувано и удирано во историската судбина на Македонија. Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. И можам да ги разберам, иако не ги оправдувам, позициите на Бугарија, рече Мицкоски во своето обраќање.
Уште еднаш повика на народно и интелектуално обединување порачувајќи дека мора да се бориме за она во што веруваме и концептот на обединување да се постигне на здрава основа.
– И да кажам дека нема пари, нема моќ и нема причина поради која би го предал мојот народ или би направил нешто, било што, на негова штета, рече Мицкоски.





