Мицковски се закани до обвинители-Трпението е при крај,ќе ви дишам во врат?!

t

Борбата против корупцијата, Обвинителството, патот кон ЕУ, образованието, протестите на студентите Албанци да полагаат правосуден испит на албански јазик беа дел од темите во денешниот говор на премиерот Христијан Мицкоски на свечената академија „Од слово до вечност“ на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј , 24 Мај, во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Премиерот рече дека го разбира незадоволството и негодувањата кај луѓето кои сè повеќе губат трпение од испораката на правдата.

„Морам да признаам дека и јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу, многу подобро и со многу побрзи резултати. ​Немојте да мисли кој било од вас дека не ги слушам оние крици на луѓето кои се смеат на правдата, кои мислат за себе дека се непобедливи и дека ја измамиле правдата. Денес тие се најгласните критичари на власта и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда. ​Ним, и на оној дел од обвинителството кој сè почесто смислува изговори, им велам дека трпението е при крај и дека мора да стигне правдата. Без оглед на тоа какви изговори слушам, трпението е при крај и внимателно ја следиме вашата работа. Нема ни да премолчам кога мислам дека се греши, ниту кога мислат дека треба побрзо да се реагира, и кога фиоките на институциите се полнат со пријави и тужби за кои обвинителството треба да реагира побрзо. ​Затоа што не влегов во политиката за смислување изговори, туку за ставање ред, за постигнување правда и владеење на законите. Нема да отстапам од тоа да им дишеме во врат на оние кои се богатат и печалат на маката на народот. Ова е последната шанса на оваа генерација да создаде нешто вредно што ќе остане за сите следни“, кажа премиерот.

Мицкоски рече и дека Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. Може да ги разбере, вели, иако не ги оправдува, позициите на еден од нашите соседи, но не може да ги разбере, ниту оправда, домашните политичари кои делуваат како специјални пратеници на раководството на една наша соседна држава.

„Тоа што тие го зборуваат, тоа го зборуваат и овие нашиве домашни политичари и нивните претставници. Поразително. Тоа нè поразува и како нација. ​Имаме отсуство кај дел од луѓето на чувство за припадност кон својот народ и подготвеност со гордост да го носат она што јас го велам – мекото ткиво на македонскиот народ. И колку ние сме поголема брана на предизвиците, тие се сè поагресивни. ​И да кажам дека нема пари, нема моќ и нема причина поради која би го предал сопствениот народ или би направил нешто, било што, на негова штета. ​Македонија мора да биде дел од Европската Унија, но мора да останеме сочувани и достоинствени“, кажа тој.

Говорејќи за протестите на студентите кои бараат да полагаат правосуден испит на албански јазик, Мицкоски рече дека колку и да има политика и задни интереси во наметнувањето на темата со употреба на јазиците при полагање на правосудниот испит, тој е подготвен за разговор за образование, но разговорите мора да се постават низ правилната призма.

„​Јас сум заинтересиран и подготвен да помогнам во секој процес кој ќе значи подобро и посилно образование. Сметам дека вратата на можности, излезот и спасот на секој поединец, како што веќе напоменав, е токму силното образование. Тоа нè прави посилни, тоа може да ја изгради нашата иднина. ​Единствената шанса за успех е учењето, посветеноста и отворањето на нови перспективи. И немам никаква задршка да се разговара на темите коишто денеска се актуелни. И секоја заедница да го има правото да напредува и да го употребува својот јазик, сè додека се разбира тоа е во рамките на Уставот, законите и сè додека се почитува нашиот идентитетски белег – македонскиот јазик. ​Затоа многу брзо ќе дојдеме до решение коешто треба сите да го поддржиме и коешто ќе отскокнува над поединечните партиски и можеби политички интереси и тенденции да заглавиме во уште една националистичка замка. А историјата нè учи дека таквите замки се најдобриот метод на оние кои имаат криминогени или поинакви лични интереси и кои редовно се кријат зад ваквите теми кои се покривка на вистинските намери да се злоупотребува со животот и да се создаваат пречки“, рече Мицкоски на свечената празнична академија во Охрид.

Back to top button
Close