Откриен нов и опасен вид холестерол: Не реагира на стандардни лекови
Научниците откриле нов вид холестерол познат како „ремнант“ или преостанат холестерол, за кој сѐ повеќе експерти сметаат дека може да биде најопасниот тип за кардиоваскуларното здравје. Дополнителен проблем е што овој холестерол слабо реагира на статини – најчесто користените лекови за намалување на холестеролот – а тешко се открива и со стандардните анализи на крвта.

Со години приказната за здравјето на срцето се сведуваше на „добриот“ ХДЛ и „лошиот“ ЛДЛ холестерол. Но, според експертите, постои и трет „играч“ кој може да претставува уште поголема опасност.
„Порано ги нарекував добар, лош и грд. ЛДЛ е лош, но преостанатиот холестерол е уште полош“, вели Берге Нордестгард, еден од водечките светски експерти за холестерол.
Холестеролот сам по себе не е ниту добар ниту лош. Тој е масна супстанција неопходна за создавање клетки, хормони и правилно функционирање на нервниот систем. Проблемот настанува кога честичките што го пренесуваат холестеролот се задржуваат во артериите и предизвикуваат наслаги.
Преостанатиот холестерол се создава од големи честички богати со триглицериди, познати како хиломикрони и ВЛДЛ липопротеини. Додека триглицеридите се користат како енергија, зад нив останува честичка богата со холестерол која може да се задржи во крвните садови и да предизвика воспаленија, наслаги и стеснување на артериите.
Истражувањата покажуваат дека лицата со висок преостанат холестерол и триглицериди имаат двојно поголем ризик од смрт поради кардиоваскуларни заболувања. Дополнително, дел од пациентите и покрај нормален ЛДЛ холестерол и понатаму имаат зголемен ризик од мозочен или срцев удар токму поради овој тип холестерол.
Проблемот е што преостанатиот холестерол не се мери рутински. Експертите велат дека високите триглицериди можат да бидат важен сигнал дека и овој холестерол е покачен.
Статините, кои со децении се користат за намалување на ЛДЛ холестеролот, имаат значително помал ефект врз преостанатиот холестерол. Според Нордестгард, ако статините го намалат ЛДЛ за 20 проценти, преостанатиот холестерол го намалуваат само за околу 10 проценти.
Сепак, научниците посочуваат дека нова генерација лекови покажува ветувачки резултати, со можност за намалување на преостанатиот холестерол за 50 до 80 проценти. Но, тие терапии сѐ уште не се широко достапни.
Лекарите нагласуваат дека промените во животниот стил остануваат клучни. Се препорачува намалување на шеќерите и рафинираните јаглехидрати, ограничување на алкохолот, губење на вишокот килограми и исхрана богата со маслиново масло, јаткасти плодови, риба, мешунки, овошје и зеленчук.
Кардиологот Зои Астроулакис советува исхрана со повеќе здрави масти и протеини, а помалку јаглехидрати.
Експертите предупредуваат дека дури и луѓе со нормален индекс на телесна маса можат да имаат висок ризик, бидејќи висцералните масти околу органите се тесно поврзани со покачен преостанат холестерол.






