СДСМ: Мицкоски им порача на граѓаните дека ќе ја платат цената додека цело ВМРО-ДПМНЕ си обезбеди пасоши од ЕУ преку Бугарија

Опозициската СДСМ упати критика до премиерот Христијан Мицкоски по неговата денешна изјава, оценувајќи дека неговата порака до граѓаните дека „Владата е подготвена да ја плати цената“ е всушност признание дека тој не сака членство во Европската Унија.
Од партијата нагласуваат дека по претходната најава од премиерот дека за ЕУ „ќе се чека со децении“, денешната изјава дополнително потврдува дека граѓаните, нивните семејства и деца ќе станат заложници на актуелните политики.
Според СДСМ, најскапата цена за децениското чекање ќе ја платат младите кои ќе продолжат масовно да се иселуваат од државата.
Во соопштението се тврди дека граѓаните во моментов се заложници на „криминалот, корупцијата на Мицкоски и неговиот страв од одговорност“.
СДСМ во својата реакција ја обвини владејачката партија и за лажен патриотизам кога станува збор за европската иднина.
„Додека Мицкоски им порачува на граѓаните дека треба да ја платат цената за децениско чекање за членство во ЕУ, цело ВМРО за себе и своите семејства веќе си има обезбедено европски пасоши преку нивните бугарски државјанства и бугарски пасоши. Тоа е лицемерно и нечесно. Граѓаните веќе јасно гледаат дека ВМРО-ОКГ никогаш не водеше битка за државните интереси, туку за власт, бизниси, тендери и лични привилегии“,
се вели во партиското соопштение.
Од опозицијата заклучуваат дека со ваквите чекори земјата се претвора во „слепо црево на Балканот и црна точка на Европа“, само со цел да се задржи контролата врз државните институции.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако денеска премиерот Мицкоски на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, говорејќи за евроинтеграцискиот пат на земјава, рече дека и покрај билатералните спорови и булингот што земјава го трпи од Бугарија, актуелната влада нема да прави идентитетски отстапки.
„Колкава и да е таа цена којашто треба да ја платиме, ако е тоа цената која што треба да ја платиме и покрај тоа што сме вистинскиот фронтранер, оваа влада е подготвена да ја плати таа цена. Ќе чекаме други подобри времиња. Ако навистина билатералните прашања се тие коишто треба да го судат нашиот европски пат тогаш ние ќе се бориме на друг начин“,
рече Мицкоски.






