По Светското првенство Лука Модриќ ја завршува фудбалската кариера

Капитенот на хрватската репрезентација, Лука Модриќ, донесе конечна одлука да стави крај на својата фудбалска кариера на 40-годишна возраст.

Според познатиот италијански инсајдер Николо Скира, легендарниот играч од средниот ред официјално ќе се пензионира веднаш по претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада

Модриќ моментно е во фаза на опоравување по незгодниот судир со главите со Мануел Локатели во дербито на Серија А против Јувентус.

Иако сè уште не е сосема сигурно дали ќе мора да настапи со заштитна маска на Светското првенство, неговото учество на турнирот воопшто не е доведено во прашање.

Без неговата магија на самиот крај од сезоната, Милан се сопна и испадна од позициите што водат до Лигата на шампионите, а бидејќи искусниот играч од средниот ред нема намера да игра во Лигата на Европа, ниту да прифаќа милионски понуди од МЛС лигата и Саудиска Арабија, кои претходно категорично ги одби, пензионирањето беше единствениот логичен чекор.

Главниот мотив на Модриќ на претстојното светско првенство ќе биде да го нападне јубилејниот 200-ти настап во дресот на Хрватска, со оглед на тоа што моментално има 196 одиграни натпревари. Со репрезентацијата, тој веќе освои сребро и бронза од Светските првенства, како и сребро од Лигата на нации, па Светското првенство ќе биде совршена можност за величествено збогување.

По стартот во Динамо Загреб и позајмувањата во Зрињски и Интер од Запрешиќ, Модриќ стигна до Реал Мадрид преку Тотенхем.

Тој помина 13 историски години во кралскиот клуб, освојувајќи шест титули во Лигата на шампионите и четири трофеи во Примера дивизион, додека круната на својата кариера ја доживеа во 2018 година кога ја прекина доминацијата на Меси и Роналдо и ја освои Златната топка со речиси двојно повеќе гласови од Португалецот

Back to top button
Close