Убиството на Арлинда Зекај ја крена Приштина на протест уште една жртва барала помош од институциите, но не добила
Илјадници луѓе протестираа во Приштина по убиството на 49-годишната Арлинда Зекај, која пред смртта барала институционална заштита и предупредувала дека животот ѝ е во опасност. Според активистите, таа е осмата жртва на смртоносно семејно насилство годинава во Косово, пренесува „Асошиејтед прес“.

Зекај била убиена во неделата во близина на Пеќ, а за убиството е осомничен нејзиниот девер, кој бил уапсен по неколкудневно бегство.
Демонстрантите носеле фотографии од убиени жени и транспаренти со пораките „Зарем мора да умреме за да нè сфатат сериозно?“, „Мажите убиваат жени, државата молчи“ и „Долу патријархалниот систем“.
Дополнителен гнев предизвика информацијата дека Зекај, која имала американско и косовско државјанство, само три дена пред смртта испратила писмо до кабинетот на главниот обвинител. Во него предупредила дека службените лица „си ја префрлаат одговорноста едни на други“, дозволувајќи опасноста по нејзиниот живот да продолжи.
Таа претходно повеќепати пријавувала насилство од сопругот, се иселила од домот и заминала да живее кај родителите. Се вратила откако сопругот бил приведен поради семејно насилство. Според член на семејството, полицијата не ѝ обезбедила придружба при враќањето, по што била убиена.
Мрежата на жени на Косово, една од организаторките на протестот, предупреди дека случајот отвора сериозни прашања за можни пропусти во постапувањето на институциите. Организацијата побара координирана реакција на полицијата, социјалните служби, обвинителствата и судовите секогаш кога жена ќе побара помош.
По убиството, косовскиот парламент одржал вонредна седница и формирал истражна комисија која треба да ја испита можната институционална одговорност.
На пропустите укажал и премиерот Албин Курти, кој ги критикувал институциите задолжени за безбедноста и правосудството поради нереагирањето на предупредувањата за опасноста по животот на Зекај.
Според податоците на косовското Министерство за правда, во текот на 2025 година полицијата примила 2.815 пријави за семејно насилство. Активистите предупредуваат дека законските мерки за заштита на жените не се спроведуваат доследно и дека недостига координација меѓу надлежните институции.






