Фластери и никотински гуми за џвакање ќе можат да препишуваат матичните лекари како лекови за одвикнување од пушење

Во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, локалните самоуправи и здравствените домови, ќе се работи на зголемување на достапноста на советувалиштата за одвикнување од пушење, а посебен фокус е ставен на младата популација

Во земјава 14 отсто од младите користат тутунски производи, а девет отсто електронски цигари. Употребата на електронските цигари кај младите е двојно зголемена во споредба со 2016 година

Министерството за здравство ја ажурира есенцијалната листа на лекови и во неа по првпат се ставени лекови за одвикнување од пушењето, како трансдермални фластери и никотински гуми за џвакање, кои ќе можат да ги препишуваат матичните лекари, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција во рамките на одбележувањето на Светскиот ден без тутун 2026 година.

Најави дека Министерството за здравство почнува координирани активности за јакнење на услугите за откажување од пушењето во здравствените установи низ државата.

 

Во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, локалните самоуправи и здравствените домови, ќе се работи на зголемување на достапноста на советувалиштата за одвикнување од пушење, а посебен фокус е ставен на младата популација.

 

„Целта е зајакнување на локалните услуги за поддршка на граѓаните кои сакаат да престанат со пушење, како и подобрување на системот за упатување и континуирана поддршка“рече тој.

Како значајна новина што се воведува, според Алиу, е тоа што Министерството ја ажурирало есенцијалната листа на лекови и по првпат во неа се вклучени средства за одвикнување од пушење, меѓу кои трансдермални фластери и никотински гуми за џвакање.

„Целта е овие лекови да бидат подостапни за граѓаните, препознаени од јавноста и фармацевтските компании, а матичните лекари да можат да ги препишуваат“кажа Алиу.

Според него, паралелно се работи и на нов закон за заштита од употреба на тутунски и сродни производи, усогласен со европските стандарди, со цел долгорочно унапредување на јавното здравје.

Претставникот од СЗО, д-р Аким Али, предупреди дека младите се сè почеста цел на тутунската индустрија преку производи со различни вкусови и атрактивно пакување.

„Зад светлите бои и слатките вкусови стои јасна намера да се нормализира употребата на никотин и да се создаде зависност кај младите. Вкусовите како нане, боровинка и лубеница не се безопасни, туку се дизајнирани да го прикријат ефектот на никотинот“рече д-р Али.

Според него, 14 отсто од младите во земјава користат тутунски производи, а девет отсто електронски цигари.

Посочи и дека употребата на електронските цигари кај младите е двојно зголемена во споредба со 2016 година.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, предупреди дека пушењето останува сериозен јавноздравствен проблем во земјава. Фактот што половина од возрасните граѓани се активни пушачи е сигнал за, како што рече, одлучно преземање мерки за заштита на населението.

„Истражувањето од 2023 година покажа дека 45,4 отсто од возрасната популација се активни пушачи, што е значително над европскиот просек од 25 отсто“,рече Андоновска.

Употребата на тутун, како што рече, е поврзана со кардиоваскуларни, белодробни и малигни заболувања, како и со мозочен удар и компликации во бременоста.

Според анализите на СЗО, употребата на тутун ја чини државата околу 38 милијарди денари годишно, а секој денар вложен во превенција носи поврат од 19 денари преку избегнати здравствени трошоци.

Најави дека ИЈЗ ќе продолжи со превентивни едукации во училиштата и активности за подигнување на јавната свест за штетноста од пушењето.

Годинашниот Светски ден без тутун се одбележува под мотото „Разоткривање на привлечноста, спротивставување на зависноста од никотин и од тутун“.

Back to top button
Close