Хаос со водата во Дојран: граѓаните бараат одговор од градоначалникот

Жители на Дојран реагираат дека во општината сè почесто има прекини во водоснабдувањето и слаб притисок во мрежата, токму на почетокот на летната сезона и во период на високи температури. Во порака доставена до редакцијата на Рацин.мк, граѓани бараат јавно објаснување од градоначалникот Илија Тентов и од надлежните служби зошто проблемот со водата се повторува и кои мерки се преземаат.
„До кога вака ќе биде во Дојран? Секој ден нема вода, а да не зборуваме за притисокот. На овие жештини, само сме на почеток, да се нема вода е очајно“, се наведува во пораката.
Граѓаните тврдат дека водоснабдувањето било прекинато и во вечерните часови на 6 јуни, а следниот ден вода немало повеќе од два часа, без јасна информација до кога ќе трае прекинот. Тие прашуваат дали локалната власт има план за стабилизирање на системот, особено во период кога Дојран влегува во летната туристичка сезона и кога бројот на жители и гости значително се зголемува.
„Ако нема способност да се направи нешто околу водата, тогаш зошто давате дозволи за градба? Се надевам дека градоначалникот ќе ни се обрати нам, граѓаните, и ќе ни објасни зошто не се презема ништо“, стои во реакцијата.
Ова прашање не е само комунален проблем, туку директно прашање за квалитетот на живот во туристичка општина. Во летните месеци водата станува основна инфраструктурна потреба за домаќинствата, угостителските објекти, сместувачките капацитети и туристите. Прекини во снабдувањето и слаб притисок во мрежата во таков период ја отвораат дилемата дали локалната инфраструктура може да го издржи зголемениот притисок од сезоната.






