Трајановски: „Твоја држава, твоја шанса“, централно место има работникот и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните
08.06.2026 14:49
534 1 минута читање
Соопштение на СДСМ:
Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во гостувањето во Дневникот на Сител телевизија рече дека во новата програмска платформа на СДСМ, „Твоја држава, твоја шанса”, централно место има работникот и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.

Осврнувајќи се на „Скопска иницијатива”, која беше завчера, и на која дојдоа претставници на сестрински партии на Социјалдемократскиот сојуз од регионот, Трајановски истакна дека таа претставува значајна платформа за обединување на прогресивните и проевропски сили.
„Скопската иницијатива e регионална прогресивна платформа, со присуство на повеќе од 40 претставници на политички партии, сестрински партии, Прогресивни партии кои дадоа признание на целата двегодишна борба на СДСМ и на претседателот и на раководството, затоа што препознаа во нас”, рече Трајановски.
Во однос на новата програма на СДСМ, „Твоја држава, твоја шанса”, Трајановски истакна дека таа е резултат на широка консултативна постапка и учество на членството, потенцирајќи дека програмата ќе се темели на шест клучни столба, а централно место во новата програма ќе има работникот и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.
„Фокус мора да ни биде социјално загрозениот работник. Ние мора да се насочиме да ја намалиме таа класна разлика. Денес потрошувачката кошничка достигна околу 70.000 денари, а за жал не видовме ниту една мерка со која ќе се запре тоа нагло растење на трошоците за живот. Не е доволно граѓанинот само да се чувствува гордо во својата држава, туку треба да чувствува дека има повеќе средства во својот семеен буџет. Затоа во новата програма на СДСМ работникот и животниот стандард ќе бидат во центарот на политиките”, нагласи Трајановски.
Осврнувајќи се на европските интеграции, потпретседателот на СДСМ порача дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на СДСМ.
„Сите фондови, сите субвенции се врзани со отворањето на пристапните преговори со Европската Унија. Ние ќе инсистираме на побрза интеграција во Европската Унија. Јас сакам оваа земја да има иднина. Да ги имаме сите деца во оваа земја и ние сме генерација која треба да создаде нешто за тие деца”, нагласи Трајановски.






