За жената која малтретира туристи кои ја посетуваат кратовска Куклица има обвинение, се поднесуваат и нови пријави, но ништо не ја спречува „бизнисот да си тера“
Министерството за внатрешни работи потврди дека за случувањата поврзани со локалитетот „Камени Кукли“ во селото Куклица, кратовско, веќе се водат судски и обвинителски постапки, а по најновите пријави од 7 јуни годинава повторно се известени надлежните институции.

Од МВР информираат дека уште во 2024 година случајот бил пријавен во Одделението за внатрешни работи Кратово, по што до Основното јавно обвинителство Куманово било доставено известување за преземените мерки и активности.
„Од ОЈО Куманово е покренат обвинителен акт против лицата С.Д. и М.Д., како и против здружението ‘Извор’, за кривично дело ‘узурпација на недвижности’ по член 225 став 1 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
Дополнително, против лицето С.Д. бил изречен казнен налог поради закани кон туристи со пуштање куче за време на нивна посета на локалитетот.
Според полицијата, во текот на 2026 година против С.Д. и нејзиниот сопруг Е.М.Б. е поднесена и кривична пријава за кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ по член 382 став 3 од Кривичниот законик.
Во врска со најновите настани што биле пријавени на 7 јуни на локалитетот „Камени Кукли“, известен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово.
Од ОВР Кратово најавуваат дека дополнително ќе бидат известени и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Трудовиот инспекторат, надлежен инспектор при Министерството за култура и Општина Кратово, со цел преземање мерки од нивна надлежност.
Случајот повторно го отвори прашањето за управувањето со еден од најпознатите природни локалитети во Македонија, откако во изминатите денови во јавноста се појавија сведоштва и реакции за наплата на влез, попречување на посетители и наводна узурпација на просторот.






