Нов бран апсења во Турција: Приведени 24 лица поврзани со опозициски општини
Меѓу приведените се и двајца градоначалници на општини во крајбрежната метропола Измир, наведува агенцијата. Двајцата се членови на Републиканската народна партија (ЦХП).
Акции беа спроведени и во Истанбул, како и во окрузите Ајдин и Адана.
ЦХП е изложена на силен притисок откако постигна значителен успех на локалните избори во 2024 година. Повеќе од 20 градоначалници избрани од оваа партија моментално се во затвор, а некои од нив се разрешени од функцијата.
Најпознат случај е оној со поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој важи за најсериозен политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Имамоглу беше уапсен во март минатата година под обвиненија што вклучуваат корупција, што предизвика масовни протести низ земјата.
ЦХП тврди дека постапките се политички мотивирани и дека Владата се обидува да го спречи Имамоглу да се кандидира на претседателските избори во 2028 година. Владата ги отфрла овие обвинувања.







