Најмалку 21 лице загина во рускиот напад врз Киев

Украинскиот главен град Киев ја доживеа една од своите најтешки ноќи од почетокот на војната, откако Русија лансираше ракети, крстосувачки ракети и беспилотни летала кон тримилионскиот град, при што загинаа најмалку 21 лице, а уште 86 беа повредени, соопштија денеска официјални лица.
Како што пренесе ДПА, 70 лица мораа да бидат пренесени во болница. До доцните попладневни часови спасувачите сè уште трагаат по преживеани и по други жртви под урнатините, па затоа се очекува бројот на загинатите и понатаму да расте.
Русија тврди дека целите биле исклучиво воени. Сепак, неколку станбени згради беа уништени во нападот, додека погодени беа и еден хотел и зграда на телекомуникациски оператор во центарот на градот. Неколку интернет-провајдери пријавија прекини во услугите.
„Киев Индепендент“ го опиша нападот како еден од најтешките од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Жителите на Киев побараа засолниште во метро-станиците, а многумина ја поминаа целата ноќ под земја во шатори.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека меѓу тешко повредените во главниот град има и 10-годишно момче. „Неговите родители не се пронајдени под урнатините“, напиша Кличко на Телеграм, додавајќи дека дедото на момчето е со него во болница, каде што на детето му се врши операција.
Вонредна состојба поради воздушни напади и експлозии беа пријавени и во други делови на земјата, вклучувајќи ги Запорожје и Павлоград на југоисток, како и Суми и Харков на североисток. Гувернерот на Запорожје, Иван Федоров, утрово изјави дека три лица се повредени. Подетални информации за можни штети или жртви во другите градови засега не се достапни.
Според украинските воздухопловни сили, Русија за време на нападот употребила 570 воздушни објекти, вклучувајќи нешто помалку од 500 дронови. Руската војска, исто така, кон Киев истрелала 24 балистички ракети „Искандер“ и околу 50 крстосувачки ракети од различни типови. Меѓу нив имало и четири хиперсонични наведувани ракети „Циркон“, кои всушност се развиени за борба против бродови.
Нападот беше очекуван, со оглед на тоа што украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера ги предупреди своите сонародници да очекуваат претстоен удар од големи размери. Сепак, самиот број и разновидноста на оружјето успеаја да ја совладаат воздушната одбрана на Киев, бидејќи Русија го преоптовари системот со неколку бранови координирани напади.
Украина смета дека е релативно ефикасна во одбраната од беспилотни летала – војската соопшти дека пресретнала 524 воздушни објекти, главно дронови во текот на ноќта – додека стапката на пресретнување на крстосувачките ракети е значително пониска.
Западните сојузници ја снабдија Украина со оружје за воздушна одбрана, но ракетите за овие системи се скапи и нивните резерви се мали, а оваа ситуација стана уште поакутна по американско-израелската војна против Иран.
И покрај големиот број цивилни жртви, руската војска тврди дека нападите биле извршени „со високопрецизно оружје“ врз воени цели. Според Москва, една од погодените цели била фабрика за производство на системи за наведување на украинските ракети „Фламинго“. Покрај тоа, наводно биле уништени фабрики за електроника и депо за гориво што го користела украинската армија.
Тврдењата не можеа независно да се проверат, а Украина не соопшти информации во врска со можните погодени објекти.
Кремљ објави дека претседателот Владимир Путин бил информиран за нападот, за кој портпаролот Дмитриј Песков исто така изјави дека бил насочен исклучиво кон „воени цели или цели поврзани со војската“, пренесува новинската агенција ТАСС.
Зеленски повика на побрза помош во воздушната одбрана, пишувајќи на социјалната мрежа Х дека испораките за воздушна одбрана „се апсолутен и критичен приоритет“.
Тој ја нагласи важноста на секој придонес преку Листата на приоритетни барања на Украина (PURL) – според која земјите од НАТО купуваат оружје во САД и го префрлаат во Украина. „Секој билатерален договор што го постигнуваме со нашите партнери за воздушна одбрана навистина прави разлика“, додаде Зеленски. Тој, исто така, изрази надеж дека САД ќе ѝ доделат лиценца на Украина за производство на одбранбени ракети за системот „Патриот“.
Шефицата на европската дипломатија Каја Калас денеска изјави дека Европската Унија подготвува дополнителни санкции за Русија по ноќните напади.
„Самите зборови на осуда нема да ги запрат нападите врз Киев“, наведе Калас во објава на Х. „Тоа може да го стори само континуираната воена поддршка за Украина и зголемениот притисок врз Москва“, рече таа. „Денеска ќе предложам санкционирање на повеќе субјекти кои го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс како одговор на нападите“.






