Неколку милиони луѓе се придружија на погребната поворка за ајатолахот Али Хамнеи во Техеран

Неколку милиони луѓе денеска се придружија на погребната поворка за починатиот ирански врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, во Техеран, објави државната агенција ИРНА, без да наведе точен број.
Ковчегот на Хамнеи беше пренесен од источен Техеран по главната сообраќајница до кулата Азади, на запад од градот, на температури над 30 степени Целзиусови, придружуван од огромни толпи, пренесе ДПА.
Многумина од учесниците во поворката скандираа „Одмазда, одмазда“, како и „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“. Некои поддржувачи на свештеникот држеа транспаренти на кои американскиот претседател Доналд Трамп беше прикажан како цел.
Хамнеи беше највисокиот политички и религиозен авторитет во Иран, со последен збор за сите стратешки прашања во земјата. Тој беше убиен во израелски воздушен напад насочен кон неговата официјална резиденција во Техеран на првиот ден од американско-израелската војна со Иран на крајот на февруари.
По неговата смрт следеа повеќе од пет недели борби меѓу Иран, Израел и САД, во кои беа вклучени групи поддржани од Иран, вклучувајќи го и либански Хезболах, пред претставниците на САД и Иран да се договорат за прекин на огнот на почетокот на април.
Поддржувачи од целиот регион, вклучувајќи ги Авганистан, Сирија, Либан и Ирак, се собраа во Иран за да учествуваат во поворката, која беше дел од повеќедневниот јавен настан за жалост што започна во саботата.

Церемониите за жалење се планирани за среда во ирачките градови Кербала и Наџаф. Потоа, следниот ден Хамнеи ќе биде погребан во неговиот роден град Машхад во североисточен Иран.
Иран денеска го затвори воздушниот простор над Техеран од безбедносни причини. Привремени и локализирани ограничувања за летови ќе бидат во сила и утре и до погребот на Хамнеи во четврток.
За иранското раководство и поддржувачите на Хамнеи, државниот погреб е и збогување со долгогодишниот врховен лидер на земјата и демонстрација на политичко единство по војната. Владата постојано повторуваше дека Иран го издржал конфликтот и покрај тоа што се соочил со воено супериорни противници.
Сепак, голем дел од приближно 86-те милиони жители на земјата веројатно ќе бидат рамнодушни или против националната жалост.
Покојниот врховен лидер владееше со Исламската Република со железна тупаница, а јавните критики кон него не беа толерирани, потсетува ДПА.
За време на масовните протести што започнаа кон крајот на минатата година, демонстрантите скандираа „Смрт на диктаторот“. Протестите беа пречекани со жестока репресија, во која беа убиени илјадници демонстранти.
Синот на Хамнеи, Моџтаба Хамнеи, кој на почетокот на март беше назначен за негов налседник како врховен лидер, оттогаш се нема појавено во јавноста, поттикнувајќи ги шпекулациите за неговото здравје. Западни разузнавачки извори наведуваат дека Моџтаба претрпел сериозни повреди и останува нејасно дали ќе присуствува на погребот во Машхад, пренесува ДПА.






