Францускиот суд денеска ќе одлучи по жалбата на Марин Ле Пен, во прашање нејзината кандидатура за претседател

Апелацискиот суд во Париз денеска треба да ја објави одлуката по жалбата на лидерката на француската крајна десница, Марин Ле Пен, против пресудата со која беше осудена за злоупотреба на средства од Европската Унија, одлука што може да биде пресудна за нејзиното учество на претседателските избори во Франција следната година.
Ле Пен (57) минатата година беше прогласена за виновна за незаконско користење средства од Европскиот парламент и беше осудена на затворска казна што ќе ја издржува со електронски надзор, како и на петгодишна забрана за кандидирање на јавни функции.
Случајот се однесува на обвинувањата дека членови на нејзината партија неправилно користеле средства од Европскиот парламент во периодот од 2004 до 2016 година за исплата на парламентарни асистенти кои, барем делумно, работеле за тогашниот Национален фронт, денес познат како Национален собир.
Ле Пен пред судот ги отфрли сите обвинувања и негираше каква било одговорност.
Клучното прашање е дали Апелацискиот суд ќе ја потврди забраната за кандидирање. Претседателските избори во Франција се закажани во два круга, на 18 април и 2 мај следната година.
Актуелниот претседател Емануел Макрон, согласно францускиот Устав, нема право на трет последователен мандат, а анкетите покажуваат дека крајната десница има реални шанси да се пласира во вториот изборен круг.
По објавувањето на судската одлука, закажано за 13:30 часот по локално време, Ле Пен најави дека во вечерниот дневник ќе соопшти дали ќе биде претседателски кандидат на Националниот собир. Доколку се откаже од кандидатурата, партискиот претседател Жордан Бардела ќе биде кандидат на партијата.






